Митева: ДУИ кои се центар на криминалот се причината за иселување и на Албанците и на Македонците, предложивме укинување на техничката влада зошто се покажа како нефункционална

„Жалам што секој предлог кој е во насока за подобрување на состојбите во Македонија СДС го третира како театар. Доколку ја променат реториката и размислувањата ќе разберат дека за многу сериозни процеси за кои кажале дека се наводен театар многу подоцна се покажало дека ВМРО-ДПМНЕ размислува стратешки и во насока на подобрување на актуелните состојби кои се покажале како неуспешни“, истакна портпаролката и членка на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева во вечерашното гостување во емисијата „Само вистина!“ на Канал 5 Телевизија.

Митева додаде дека вчера претседателот Христијан Мицкоски во интервју на Канал 5 телевизија го истакна предлогот за укинување на техничката влада за овие избори. Причината поради што доаѓа до ваков предлог не е за истиот да се стави на маса и да биде некој услов за лидерска средба, туку е чисто разумен политички предлог, рече таа и појасни: ” Од една страна ние имаме техничка влада која во минатото се покажа како нефункционална и техничка влада која повеќе го отежнуваше процесот отколку што го олеснуваше“.

Митева посочи дека СДС се неодлучни и не можат да се спротивстават на ДУИ.

„Кога ќе ги анализирате состојбите и ќе видите дека истите допринеле да има негативности, наместо позитивни исходи од истото тогаш е во ред да седнете како сериозни политичари и да кажете дека некаков принцип треба да го напуштите, а втората причина поради која дојдовме до еден ваков заклучок како раководство и политичка партија е од причина што не можете да имате вие политичка партија што се наоѓа во центарот на сите скандали и афери што се случуваат во изминатиов период, а тоа е политичката партија ДУИ, која е континуирано нападната во јавноста преку презентирање на сите нелегални активности што ги прават од позиција на власт да биде политичка партија која ќе има премиер па макар и 1 ден, а не само 100 дена. За мене и ВМРО-ДПМНЕ сметаме дека тоа е неприфатливо, не треба да биде принцип, но очигледно е дека СДС се толку под клештите на ДУИ што не можат да донесат политичка одлука надвор од ставовите на ДУИ“, вели Митева.

Таа потенцираше дека ниту ВМРО-ДПМНЕ, ниту граѓаните сакаат да имаат премиер кој доаѓа од политичката партија ДУИ која е во центарот на сите скандали, окупирана со криминал и корупција, а која СДС немо ја поддржува. Не заслужува Македонија да има премиер предложен од таа политичка партија 1 ден, а не 100 дена.

„Причините зошто ВМРО-ДПМНЕ е против премиер кој ќе дојде од редовите на ДУИ е затоа што исто како Македонците што се селат поради СДС и ДУИ така исто и Албанците се селат поради СДС и политиките на ДУИ“, истакна Митева, а во насока дека партијата е против тоа да има Албанец премиер.

Митева заклучи дека ДУИ е партијата поради која и Албанците, исто како и Македонците ја напуштаат државата и се разочарани.

извор: ВМРО ДПМНЕ