РСЕ: Паѓа поддршката за членство во ЕУ, младите се евроскептични

0
188

Годинава е нотирано најниско ниво на поддршка за ЕУ во последните девет години, откако Институтот за демократија спроведува истражувања на оваа тема. Најпоразителни се податоците за младите. Резултатите се одраз на незадоволство, но тие не значат свртување кон други партнери како Русија или Кина.

За речиси деценија за една третина е падната поддршката на граѓаните за членството во Европската унија (ЕУ). Ако во 2014 година 90 отсто од испитаниците биле „за“ членство во Унијата, во 2023 тој процент изнесува 60 отсто, покажуваат истражувањата на невладината Институт за демократија – Социетас цивилис презентирани на 18 декември, објави slobodnaevropa.mk.

Едното истражување се однесува на поддршката за членство само на оваа година, а другото опфаќа мислења за процесот на евроинтеграции во период од 2014 до 2023. Институтот досега девет пати спровел анализа на јавното мислење за процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ.

Податоците кои загрижуваат се однесуваат на младите и нивната поддршка за членството во ЕУ, вели авторот на анализата за приодот 2014 – 2023.

„Најмладата категорија на полнолетни граѓани на возраст од 18 до 24 години, се во суштина и најевроскептични. Младите во државата даваат помала поддршка за процесот споредено со повозрасните категории. Само половина од младите го поддржуваат членството во ЕУ“, вели авторот на анализата, професорот на Правниот факултет, Иван Дамјановски.

Не се само соседите, има нешто и во реформите

Годинава се намалило мислењето дека соседите се главна пречка за членство во ЕУ, а расте бројот на оние кои сметаат дека вината треба да се бара на домашен терен, односно во неостварување на реформите.

Разочараноста на граѓаните од тоа што не се испорачани реформите е еден од клучните аспекти зошто е намалена поддршката за интеграциите.

Третина од испитаниците сметаат дека процесот на интеграција претставува усогласување на домашното со законодавството на Унијата, а 11 отсто мислат дека станува збор за задоволување на условите на соседите.

На прашањето зошто поддржуваат членство во Блокот, економските фактори доминираат, односно граѓаните очекуваат подобар стандард, помала невработеност, полесен пристап до работа во странство, додека унапредување на демократијата не е некој фактор. Висок е процентот, 90 отсто, на оние кои сметаат дека членството во ЕУ нема да го намали иселувањето на младите.

Истражувањето покажува дека паѓа бројката на оние кои сметаат дека државата би станала членка на ЕУ во следните три до пет години, што според авторите значи дека луѓето станале пореалистични во очекувањата. Сепак етничките Албанци се пооптимисти дека ЕУ ќе биде подготвена да ги прими земјите од Западен Балкан до 2030.

Повеќе неодлучни и неопределени

Но и покрај намалената поддршка, сепак не пораснал евроскептицизмот, односно граѓаните само се неодлучни и неопределени, но експлицитно не се противат на членството, смета директорот на Институтот за демократија, Марко Трошановски. Тој вели дека кредибилитетот на процесот може да се врати ако ЕУ се реформира.

„Ако се „засилат критериумите на напредување по заслуги, а не напредување условено од индивидуални каприци на земји членки“, вели Трошановски.

Резултатите се израз на длабоко незадоволство

Текстот во целост на:slobodnaevropa.mk