Најголем број бракови се склучиле во август, а најмалку во ноември. Се земаат на возрасна граница 25-29, се разведуваат на возрасна граница 30-34 години
Намален е бројот на склучени бракови во 2023, но и на разводи. Според Државниот завод за статистика во земјава биле склучени вкупно 12.882 бракa, што е за 3,4 отсто помалку од претходната година, пренесе МИА.
Најмногу бракови, 1.851 се склучени во август, а најмалку во ноември, 761 брак.
Најчесто е стапувањето во прв брак и за жените и за мажите. Во втор брак и трет брак почесто стапувале мажите.
Најголем број бракови 4.263 кај жените и 4.721 брак кај мажите се случиле во старосната група од 25 до 29 години.
Просечната возраст, пак, при склучување на прв брак е 27,4 години за невестата и 29,9 години за младоженецот.
И бројот на разводи изминатата година бележи намалување во споредба со претходната година и изнесува 1.613 разведени брака.
Најмалку бракови, 38 во текот на годината се разведени во август, а најмногу 195 во март.
Статистиката покажува дека според возраста, најголем број на разводи 298 кај жените и 281 развод кај мажите се случиле во истата старосната група од 30 до 34 години.
Според траење на бракот, најмногу разводи 360 се случиле од пет до девет години по склучување на бракот.