Германија издава десетици илјади визи за работа

Министерството за надворешни работи во првото полугодие на годинава издало повеќе од 80 илјади визи за лица кои сакаат да работат во Германија. Речиси половината од нив се стручна работна сила, како што дознава новинската агенција ДПА од извори во Министерството. За споредба, минатата година во истиот период биле издадени околу 37 илјади визи, а на ниво на цела година преку 157 илјади работни визи, од кои 79 илјади за стручна работна сила.

Собирање бодови за картата за шанса
Т.н. карта за шанси која беше воведена на први јуни, досега нема големо влијание на бројот на мигранти дојдени за работа. Досега се издадени околу 200 визи според овој правен основ, се вели од Министерството.

Предуслов за таквата карта е државно призната, најмалку двегодишна професионална обука во земјата на потекло или соодветна диплома, како и познавања на германскиот или англискиот јазик. Во зависност од нивото на владеење на јазикот, возраста и релацијата со Германија, заинтересираните добиваат поени, со кои се добива право на карта за шанси. И за квалификации за професии во кои има тесно грло, на кандидатите им следуваат поени. Кој ќе собере доволен број поени може да дојде во Германија и потоа има на располагање една година за да најде работа. Под одредени околности е можно еднократно продолжување за две години.

Работа без претходна постапка за признавање
Германија од 2020 година има Закон за доселување на стручна работна сила, со кој треба да се поттикне доселувањето на квалификувана работна сила. Во ноември 2023 година стапи на сила првиот дел од реформата што ја усвои коалицијата од Социјалдемократите, Зелените и Либералите. Тука беа пред сѐ опфатени олеснувања за „сината ЕУ карта“, како и за стручна сила со призната диплома.

 

DW