На денешен ден погубен македонскиот војвода Турунџев на битолскиот Ат-пазар

0
43

На денешен ден, 11 септември 1905 година на битолскиот Ат-пазар Османлиите го обесија Александар Турунџиев – македонски легендарен војвода.

Александар Турунџев е македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, член и војвода на Македонската револуционерна организација.

Роден е во 1872 година во селото Горно Врбени, Леринско, во Егејска Македонија. Во редовите на ТМОРО се вклучил многу млад, најнапред како комита, а потоа и војвода.

За време на Илинденското востание со својата чета активно учествувал во борбите кај Леринско. Турунџев ги обиколува редовно селата во Леринско и некои во Долна Преспа и Битолско.

Станува популарен заради својата храброст и стремеж на сопствениот народ за слобода. Турунџев бил силен маж, атлетски граден, висок, со бујна коса и со високо чело.

Насекаде бил добродојден гостин, зашто со другарите ги истребил најголемите насилници и крвници во Леринско.

По востанието учествувал во обновувањето на револуционерната мрежа во својот реон и влегол во новиот состав на Леринското горско началство.

Кон крајот на 1904 година, во селото Ајтос, Леринско, бил предаден од шпионот Митре Гинков за 150 жолтици. Бил заробен и одведен во битолскиот истражен затвор. Таму бил подложен на големи измачувања и држан цела година. Турскиот суд во Битола на 29 август 1905 година го осудил на смрт, а казната била извршена со јавно бесење на битолскиот Ат-пазар, на 30 август (стар стил) 1905 година. Турунџев со пранги на рацете и нозете најпрво бил изложен на плоштадот во Битола.

Поворката тргнала од Саат-кулата, крај Безистенот, реката Драгор, па сè до Ат-пазар. Турунџев бил сместен на запрежна кола, а напред одел телал кој ја читал веста дека ќе биде погубен. Кон поворката се приклучиле повеќе илјади битолчани.

Збунетиот поп пред егезкуцијата го прашал: „Кои се твоите последни зборови?“ Тогаш Александар се поткачил на некаков кош, го фатил јажето, ги подигнал очите кон небото и извикал: „Македонија ќе биде слободна!“

По извикот, сам ја ставил бесилката околу вратот.

 

denesen.mk