Од денес Германија врши влезни контроли на сите граници

0
35

Од овој понеделник па натаму, германската сојузна полиција најмалку идните шест месеци ќе ги проверува пристигнувањата не само на источната и јужната копнена граница, туку и на германската граница на север и запад. Новата регулатива влијае на граничните премини со Данска, Холандија, Белгија, Луксембург и Франција.

Бидејќи Германија се наоѓа во средината на „Шенген зоната“, дополнителните контроли би можеле да доведат до попречување на движењето на луѓе и стоки. Полскиот премиер Доналд Туск критикуваше дека Германија ќе го загрози целиот Шенген систем со своите сеопфатни контроли. Всушност, во Шенген зоната е можно да се патува без проверка на идентитетот и долги редици, пасош треба да се покаже само на надворешните граници и на аеродромите.

Шенген: Контролите само како последно средство
Контролите на внатрешните граници се планирани само под одредени услови. Меѓутоа, земјите-членки сами одлучуваат дали тие услови се исполнети и потоа треба само да ги најават граничните контроли во Комисијата на ЕУ во Брисел.

Централата на ЕУ може да ги критикува граничните контроли, но никогаш досега не го стори тоа. Таа само посочува дека граничните контроли треба да останат исклучок и „последна опција“, како што неодамна истакна и Анита Хипер, портпаролката на Комисијата на ЕУ. Дополнително, контролите мора да се постават на „привремена“ основа, во најдолг случај три години според неодамна изменетиот Шенгенски граничен кодекс.

Сојузната министерка за внатрешни работи Ненси Фезер (СПД) го оправдува фактот дека Германија сега го презема овој чекор со големиот број мигранти кои влегуваат во земјата без дозвола и тоа што системот за азил е преоптоварен.

Стотици исклучоци низ Шенген зоната
Германија не е сама со своите проширени гранични контроли. Осум други членки на Шенген моментално вршат контроли на внатрешните граници. Од 2006 година досега има регистрирано вкупно 441 контролна мерка во шенгенските држави. Франција ена прво место. Од исламистичките терористички напади во 2015 и 2016 година, Париз го задржа правото постојано да ги контролира сите копнени граници. Контролите постојано се продолжуваат поради различни причини, како што се закана од тероризам, миграциски притисок, руска шпионажа или големи спортски настани. Германија, исто така, ја контролира границата со јужниот сосед Австрија од 2015 година, со образложение дека сака да го намали бројот на баратели на азил кои влегуваат во земјата и да го намали ризикот од тероризам. Австрија, пак, со истата аргументација ги контролира своите граници со Словачка, Чешка, Унгарија и Словенија.

Контролите го достигнаа својот врв за време на пандемијата на корона пред четири години, кога речиси сите земји од Централна Европа сакаа да се борат против ширењето на вирусот преку пасошка контрола и делумно затворање на границите. Тогаш имаше голем сообраќаен метеж и многу гнев меѓу патниците и превозниците.

Контроли по случаен избор на автопатите
Според баварскиот министер за внатрешни работи Јоахим Херман, на пример, контролите меѓу сојузната покраина Баварија и Австрија се ограничени на визуелни инспекции и проверки по случаен избор на автопатиштата. Ова значи дека не секој човек всушност мора да ги покаже своите документи. Се извлекуваат од сообраќај заради проверка само возилата што изгледаат сомнителни. Можни се и контроли на сојузните автопати, вели Херман, но не на целата територија и деноноќно.

Од полицискиот синдикат се жалат дека полицијата нема кадар за да врши постојани контроли, дури и на споредните сообраќајници. Службите се веќе сега преоптоварени и потребни се 5.000 дополнителни службеници за извршување на контролните задачи. Раководството на сојузната полиција противречи на ова. Според Сојузното МВР, има доволно расположливи сили. Министерот за внатрешни работи на Луксембург, Леон Глоден, за ДВ изјави дека Фезер го уверила дека контролите, доколку е можно, нема да влијаат на сообраќајот и секојдневниот живот и дека нема да се одвиваат на мостовите кон Луксембург.

 

DW