Сиљановска Давкова во Њујорк оствари средба со високиот претставник на американскиот Стејт Департмент за Западен Балкан, Александар Касаноф

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, во рамки на учеството на 79. Генерално Собрание на Обединетите Нации, во Њујорк оствари средба со Александар Касаноф, заменик-помошник државен секретар на САД за Западен Балкан.

На средбата претседателката Сиљановска Давкова ја потенцираше важноста на стратешкото партнерство и пријателство со САД и изрази очекување за засилување на поддршката од официјален Вашингтон за што побрз почеток на пристапните преговори со ЕУ.

Претседателката Сиљановска Давкова укажа дека во интерес на двете земји и регионот на Западен Балкан е наскоро да бидат отворени првите поглавја во македонските преговори со ЕУ и дека САД ќе имаат конструктивна улога во тој процес, што е важен и поради глобалните безбедносни предизвици.

Претседателката Сиљановска Давкова во разговорот изрази надеж дека Европската Унија ќе почне да ги почитува сопствените одлуки кои укажуваат дека билатералните прашања не смеат да го блокираат процесот на проширување.

Македонската претседателка го повтори ставот дека по 16 препораки на Европската Комисија за почеток на македонските преговори за членство, ЕУ треба да ги спроведе сопствените правила и да се базира на критериумите од Копенхаген како единствени услови за влез во унијата.

Американскиот заменик помошник државен секретар Александар Касаноф порача дека претседателката Силјановска Давкова и владата во Скопје може да сметаат на поддршката од САД во обидот да се пробие блокадата со која што се соочува земјата на патот кон ЕУ.

На средбата Касаноф упати благодарност за македонската воена и техничка поддршка за Украина која што ја потврдува позицијата на земјата како кредибилна земја партнер на САД и членка на НАТО.