Делегацијата на Собранието на Македонија на Есенската сесија на ЦЕИ во Тирана

0
15

Делегацијата на Собранието на Република  Македонија во Парламентарната димензија на Централноевропската иницијатива (ПД ЦЕИ), учествуваше на Есенската сесија на Парламентарното собрание на ЦЕИ, што се одржа во Тирана, Албанија.

Есенскиот состанок на Парламентарното собрание на ЦЕИ беше посветен на темата „Зајакнување на регионалната соработка како фундаментален фактор на европската интеграција“.

Македонската делегацијата ја предводеше пратеничката Рина Ајдари, а нејзини членови се пратеничките Рашела Мизрахи и Калтрина Беќири.

Воведно обраќање имаше претседателката на парламентот на Албанија, Елиса Спиропали, која изрази уверување дека и Албанија, но и сите земји членки на ЦЕИ ќе останат посветени на своите приоритети и определби, во насока на промоција на вредности кои целат кон побезбедна, просперитетна и стабилна Европа.

Пратеничката Ајдари во своето обраќање нагласи дека заедничка цел е пристапување кон Европската Унија, но пред сѐ спроведување на еден сериозен реформски процес во сите области, кои ќе овозможат професионални, ефикасни, отчетни и одговорни институции кои ќе работат во интерес на граѓаните.

„Сакам да изразам задоволство што унапредување на меѓусебната соработка, како и унапредување на соработката на ниво на Централноевропската иницијатива, е дел од приоритетите на оваа организација, кои беа утврдени на последните состаноци на ЦЕИ. Дотолку повеќе што ако се имаат предвид сите предизвици, со кои и како Регион, но и пошироко се соочуваме, заканите по светскиот мир, енергетските предизвици, брзиот технолошки напредок, како и глобализација, сето тоа бара заедничка, координирана и усогласена акција“, истакна пратеничката Ајдари.

Пратеничката Калтрина Беќири потенцираше дека посебно внимание треба да се посвети на младите, за преку заеднички проекти и иницијативи да ги зближиме младите од Регионот.

„Само на тој начин ќе ја пренесеме пораката дека само со дијалог и соработка може да се создаде просперитетна и подобра иднина. Дополнително, нашата соработка треба да ја унапредиме и во делот на културата, да се запознаеме меѓусебно, да изградиме мостови на соработка и на толеранција, а секако и во тој дел можеме да работиме на размена на искуства и на унапредување на соработката“, додаде пратеничката Беќири.

Сите делегации се согласија дека само заеднички може да се спротивставиме на сите предизвици со кои се соочуваме, нагласувајќи дека само силна, обединета и интегрирана Европа може да ги надмине кризите и да обезбеди развој.

На крајот на парламентарната сесија на ЦЕИ беше усвоена Декларација со која се нагласува посветеноста на ЦЕИ на промоцијата на стабилноста и развојот на централна  Европа, имајќи го предвид зајакнувањето на регионалната соработка како важен фактор во европската интеграција.

Иницијативата за регионална соработка во регионот на Централна и Југоисточна Европа е формирана под името  “Quadragonale“ во ноември 1989 година од страна на четири држави, во моментот на уривањето на Берлинскиот ѕид. Иницијативата претставуваше форма на соработка помеѓу држави кои припаѓаа на различни блокови и движења: Италија   членка на НАТО, Унгарија – членка на Варшавскиот пакт, Австрија – неутрална држава и СФРЈ – членка на Движењето на неврзаните.. Со текот на времето кон ЦЕИ пристапуваа повеќе држави, при што таа го менуваше името и во сегашниот формат брои 18 држави, 10 членки на ЕУ и 8 држави со различен статус кон ЕУ, и тоа: Албанија, Македонија, Австрија, Белорусија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Италија, Молдавија, Полска, Романија, Словачка, Словенија, Србија, Украина, Унгарија, Хрватска, Црна Гора и Чешката Република.

Приоритетна цел на ЦЕИ е да им помогне на земјите членки во интензивирањето на нивната меѓусебна соработка и во остварувањето на интегративните процеси кон ЕУ и НАТО. Притоа, државите кои се истовремено членки на ЕУ пружаат помош на останатите во нивното приближување кон ЕУ, а зависно од рамката во којашто таа интеграција се остварува: Процес за стабилизација и асоцијација или соседска политика.

vesnik-ilinden.com