ЦУК: По обилните врнежи, водата во Гостивар не е безбедна за пиење

0
10

Во Центарот за управување со кризи (ЦУК), според последниот извештај, имало 2.142 повици во последното деноноќие на бројот за итни случаи 112, а немало пожари на отворено.

ЦУК информира дека вчера, од 9:30 до 10:15 часот, четворица пожарникари со едно противпожарно возило од ТППЕ Велес извлекле жена во срушена куќа. Жената се стекнала со мали повреди и со возило на итна медицинска помош била пренесена во болница во Велес.

ТППЕ Куманово дека вчера, од 12:08 до 12:30 часот, извлекувала лице од возило при сообраќајна незгода во близина на Домот за стари лица „Зафир Сајто“. Лицето, како што се наведува, имало тешки телесни повреди.

РЦУК Тетово, пак, информира дека околу 4:30 часот возило излетало во река во село Беловиште, Општина Гостивар. Се интервенирало со едно возило и четворица пожарникари. Сите лица биле извлечени, а само еден сопатник бил телесно повреден, кој бил пренесен во Гостиварскиот клинички центар.

Пожарникарите од ТППЕ Тетово имале две технички интервенции за испумпување вода во тетовската населба Деребој, кај подвозникот за село Фалише и испумпување вода во поплавената куќа во истата населба.

ЈКП „Шар“ од Тетово информира до ЦУК дека поради загаденоста на водата во изворите на Лешница, системот на филтер станицата на Лешница засега е целосно затворен, а градот Тетово се снабдува со намалено количество вода. Екипите на ЈКП „Шар“ се на теренот за брзо решавање на проблемот. Известуваат дека ќе има ограничување на водата во градскиот водовод од 13:00 до 15:00 часот и во период од 1:00 до 4;00 часот, стои во соопштението.

Од ЈП „Комуналец“ од Гостивар е добиено известување во ЦУК дека поради контаминација предизвикана од обилните врнежи од дожд, најновите физичко-хемиски и микробиолошки анализи потврдуваат дека водата од јавната водоводна мрежа во моментов не е безбедна за пиење.

До натамошно известување, од ЈП „Комуналец“ од Гостивар да не се пие водата од чешма, од водоводот, информира ЦУК.