Илон Маск, победник на изборите во САД

„Имаме нова ѕвезда – Илон!“. Речиси четири минути траеја фалбите на Доналд Трамп упатени до Илон Маск на изборната ноќ. Маск е „посебен човек, супергениј“, рече Трамп кога ја објави својата изборна победа во неговото одморалиште Мар-а-Лаго на Флорида.

Дури и во моментот на својот најголем триумф, Трамп не кажа повеќе зборови за себе. Зошто? Пред се, тука се 119 милиони долари кои Маск ги одвои за изборната кампања на Трамп.

Во најскапата изборна кампања на сите времиња, донациите на Маск веројатно одиграле клучна улога, вели политикологот Јан Ратје. Тој е експерт за десничарски екстремизам и теории на заговор во Центарот за мониторинг, анализа и стратегија CeMAS.

„Илон Маск ја доведе целата работа до врвот со својата лотарија“, вели Ратје за ДВ. Тој даваше милион американски долари дневно на поддржувачите на Трамп во „колебливите“ американски сојузни држави.

Х како „пеколот на омразата“
Освен пари, Маск на Трамп му обезбеди и големо внимание, особено на неговата платформа Х, поранешен Твитер. „Од една страна, преку тоа што и сам споделуваше екстремно десничарски содржини, а од друга страна, дозволувајќи им на десничарските екстремистички актери повторно да отворат налози на неговата платформа и повторно да изградат голем досег“, вели Ратје.

Анализата на невладината организација „Центар за борба против дигитална омраза“ (CCDH) сугерира дека Маск со својата платформа Х можел да манипулира со изборната кампања во корист на Трамп. Лажните или погрешните тврдења на Маск за изборите во САД се прегледани речиси 1,2 милијарди пати, според основачот на CCDH, Имран Ахмед. „Откако Илон Маск го презеде X, платформата се претвори во пекол на омраза и дезинформации – а многу од нив доаѓаат директно од Маск“, изјави Ахмед за ДВ.

Лажните вести како креатори на идентитетот
Жанет Хофман се сомнева во тоа тврдење. „Не верувам дека Х или самиот Маск имаат толку манипулативно влијание како што често се претпоставува“, изјави за ДВ шефот на истражувачката група за политика за дигитализација во Научниот центар во Берлин (WZB). „Би рекла дека всушност е обратно, дека Маск ги одразува ставовите и политичките мислења на многу поддржувачи на Трамп. Во таа смисла, јас го гледам повеќе како претставник на одредена емоционална состојба и ставови кои се јасно доминантни во Америка во моментов“.

Општо земено, влијанието на дезинформациите, или лажните тврдења, често се преценува, објаснува Хофман. „Тука често се стравува дека дезинформациите имаат големо манипулативно влијание. Мислам дека тие имаат поголемо влијание врз формирањето на идентитетот. Оние кои споделуваат лажни тврдења на платформата X, како што се оние за мигрантите кои јадат домашни миленици, не мора да веруваат дека тие тврдења се вистинити. Со лајкување и споделување, луѓето повеќе ја изразуваат својата припадност кон политички табори – на пример, лојалност кон популисти како Трамп“, вели Хофман.

 

 

DW