Се поголем број млади во Северна Македонија се „зависници“ од игри на среќа. Дури 71% од 214 учесници во онлајн истражување на Здружението ХОПС – Опции за здрав живот – Скопје, се изјасниле дека играле игри на среќа, а 17,8% од нив рекле дека се зависни од играње. Дури 50% од испитаниците од фокус групата играат игри на среќа секој ден.
„Ова укажува на голема веројатност дека значаен процент од младите во Северна Македонија веќе стекнале зависност од играње игри на среќа“, велат од ХОПС. Истражувањето за младите и нивните навики за обложување било спроведено во Северна Македонија, Србија и во Косово.
Некој за забава, друг за да заработи
Влатко Деков од ХОПС вели дека најголемиот дел од испитаниците (44,4%) рекле дека играат игри на среќа заради забава, но не е мал бројот и на оние кои одговориле дека играат за да заработат (24,8%). Други пак играат затоа што повеќето нивни пријатели се обложуваат (16%). Дванаесет проценти рекле дека играат игри на среќа затоа што се зависни од адреналин.
Врз основа на наодите од анализата на правната рамка за игрите на среќа во Северна Македонија и на разговорот со учесниците од фокус групата и истражувањето направено онлајн со 214 лица помлади од 25 години кои играат игри на среќа, се препорачува во постоечкиот закон за игри на среќа да се предвидат обврски за сите приредувачи на игри на среќа за информирање на играчите за опасноста од стекнување зависност од играње игри на среќа. Исто така тие треба да бидат информирани каде можат да побараат помош во случај на зависност од играње игри на среќа.
DW