Груевски за објавените „бомби“: Овие снимки точно покажуваат дека немам никаква врска со таканаречените “Плацеви на Водно”

Денес многумина ме прашуваат дали овие разговори што вчера се појавија на YouTube каналот The true above all помеѓу мене и Камчев се случиле и дали ќе влијаат на судскиот процес. Да, тие разговори се случија во фебруари 2021 година, напиша на својот ФБ профил поранешниот премиер Никола Груевски.

Во продолжение ја пренесуваме објавата на Груевски во целост:

Овие разговори ги водевме на почетокот на процесот и тие уште еднаш покажуваат под каков брутален притисок се луѓето опфатени и ставени на листата на власта за политички прогон, каде правосудниот систем е само егзекуторот, вклучително и самиот Камчев. Секако јас сум прв на листата за “отстрел” па подготвени се на секакви работи само за што повеќе да ме обвинат и осудат.
Тоа не е политика. Тоа не е нормална политичка борба, а најмалку правда и демократија. Нема да има напредок додека се ова е реалност. Луѓето се изложени на секакви можни притисоци и уцени за некој да исполни нечии желби и зацртани политички цели. Во крајна линија тоа не е ни човечки.
Незнам дали овие снимки ќе влијаат на судскиот процес.
Знам само дека исти вакви снимки во случајот “Рекет” беа прифатени за докази и се донесоа судски пресуди на база на тие докази.
Овие снимки точно покажуваат дека немам никаква врска со таканаречените “Плацеви на Водно”. Јасно е дека никој не зел милион и пол евра од партија. Јасно е дека од никого не сум барал никакви услуги или совети за купување на тие плацеви. Самиот Камчев ми кажа дека имал подготвено и физибилити студија за изградба на старачки дом за лица на кои им е потребна лекарска грижа. Самиот Камчев ми кажа под каков притисок бил не само тој, туку и останатите обвинети и сведоци за да даваат лажни искази.
Но, нашиот правосуден систем е полн со противречности и двојни аршини и нема ништо да ме изненади. Секако, нема да ме изненади ако и оние 8% доверба во судството станат и помалку.
Луѓе лежат во затвори невини или свесно осудени со погрешни квалификации со цел да им се доделат подолги затворски казни, заради некои политички цели. Стотици други не се излезени од судовите заради истите цели а повеќемина користиме политички азил за да се заштитиме од овој брутален однос на власта. Станавме земја со многу политички затворени, прогонувани и емигрирани лица и тој процес продолжува и се продлабочува.
Повторувам, нема да има реален напредок во Македонија, ниту доверба во системот, додека се водат вакви валкани политики и правосудниот систем се злоупотребува за вакви цели.