Викендов, нашата земја беше зафатена од нестабилни временски услови кои предизвикаа пороен дожд и град на повеќе места низ државата. Екипи на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска се на терен низ повеќе региони и вршат увид на состојбата и штетите предизвикани од невремето. Министерот Николовски заедно со директорот на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) Ивица Тодоровски, го посетија Лозово кое вчера во текот на ноќните часови беше зафатено од силно невреме проследено со град.
„Денеска сме во Лозово заедно со земјоделците и директорот на УХМР, Ивица Тодоровски каде вршиме увид врз штетите кои ги предизвика невремето. За жал најголеми штети се забележани во Лозово, кое со град и силен дожд е зафатено во текот на ноќта после 22:30 часот. Сепак да не беа овие дејствувања од страна на авионите низ целата држава, ваквите штети како Лозово ќе беа на многу повеќе места“ изјави министерот Николовски и потенцираше дека благодарение на авионското засејување на облаците и дејството во текот на викендот на повеќе локации, спречена е штета со ефект на заштита од над 80%.
Штетата во Лозово е последица на тоа што невремето се случило во доцните ноќни часови, а тоа е период во кој авионското дејство е невозможно од безбедносен аспект за пилотите.
Министерот Николовски ги повика општинските комисии веднаш да излезат на терен и да започнат со проценка на штетите и подготовка на елаборатите, како би можело навремено истите да стигнат до Владата и да бидат исплатени.
Радарските центри Тополчани и Ѓуриште редовно ги следат градоносните облаци и врз основа на параметрите од радарската контрола, вчера и завчера беа активирани воздухопловите за авионско засејување на градоносните облаци. Дејствувано е со вкупно 396 палки од кои 257 во Пелагонискиот регион каде е дејствувано врз повеќе градоносни облаци а дејствувано е и во Преспанскиот, Охридско-Струшкиот, Полошкиот и Велешкиот регион.
Со навремената реакција на УХМР спречена е појава на град на повеќе од 80% од регионите зафатени со градоносни облаци, а со тоа се заштитени земјоделските посеви.
Засејувањето на облаците со сребрен јодид е успешна метода со која градот се претвора во дожд. Дејствувањето на авионите нема цел да спречи појава на дожд, кој е корисен за земјоделските површини, туку единствено има цел да делува во разбивање на градоносни облаци, со цел спречување на појава на град и предизвикување на штети на земјоделските површини.
Ваквите штети предизвикани од климатските промени беа мотив за министерство да започне да подготвува ново законско решение за осигурување во земјоделството, преку системот Земјоделски осигурителен пул. Овој систем има за цел да ги заштити земјоделците од неповолните климатски промени од една страна и од друга страна да го забрза процесот на обештетување во случаи кога сепак ќе настане штета предизвикана од временски непогоди.
Фото: Влада