Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека не се очекува вирусот на мајмунски сипаници, кој во последните недели се прошири во многу земји, особено во Европа, да се претвори во нова епидемија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Д-р Росамунд Луис, експерт за мајмунски сипаници на СЗО, во обраќањето на онлајн семинарот за најновите случувања со вирусот, истакна дека најголемиот дел од досега откриените случаи со вирусот се пренесени преку хомосексуален однос.
Зборувајќи дека сите пациенти со мајмунска сипаница немаат големи плускавци на нивната кожа, Луис истакна: „Во огромното мнозинство од сегашните случаи, откриени се плускавци кои се концентрирани во пределот на гениталиите и не можат да се видат. Овие невидливи, но заразни плускавци можат да останат во телото 2 до 4 недели.“
Наведувајќи дека сѐ уште не е јасно дали вирусот се пренесува преку сексуален однос или преку близок контакт, Луис рече: „Се чини дека има зголемување во формата на пренесување, кое досега не е доволно забележано“.
„Не се очекува да се појави нова епидемија, но болеста има многу непознати. Не сме сигурни како се шири вирусот“, додаде Луис.
Во вчерашното соопштение на СЗО, беше истакнато дека заклучно со 26 мај, потврдени се 257 случаи на мајмунски сипаници пријавени од 23 земји, а се истражуваат 120 сомнителни случаи.
Вирусот на мајмунски сипаници, кој е откриен во Африка и периодично излегува од континентот, последен пат е забележан во Англија на 6 мај, а во следните денови се прошири и во европските земји.
извор: Агенција Анадолија (АА).
фото: Агенција Анадолија (АА).