Полициски хеликоптер започна да го гасне пожарот во Беровско

0
461

Полициски хеликоптер од утринава интензивно го гасне пожарот во беровскиот регион, вели за МИА директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов. Хеликоптерот од воздух почнал со исфрлање на вода од 5 часот.

– Ер-тракторот на Дирекцијата за заштита и спасување ќе пристигне околу 10 часот. Во моментов на терен се и десет пожарникари на ТППЕ Берово и 30 припадници на Национални шуми од подружницата на Берово – изјави Ангелов.

Посочи дека пристигнуваат и пожарникарски екипи од Виница, Радовиш, Кочани, Струмица, Тетово.

Командирот на ТППЕ-Берово, Сашко Руменковски претходно за МИА информираше дека со помош на хеликоптерот спречено е ширење на огнот кон боровата шума и е направен обрач околу огнот. Првично беа зафатени околу 50 хектари високостеблеста шума, во непристапен планински предел.

МИА