Мицкоски: Уставот нема да се менува тоа ви ветувам

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во своето денешно обраќање подвлече дека Уставот нема да се менува и тоа му го вети на народот, а за власта порача: Ајде на Референдум, повеќе од 60 проценти од Македонците би излегле, и во исто време да се организираат предвремени парламентарни избори.

Во продолжение го пренесуваме целото обраќање на Мицкоски.

Ми преставува особена чест и задоволство што од пределите на славното Смилево можам да ја одбележам и да ја честитам првата конференција на Унијата на ветерани на ВМРО-ДПМНЕ. Нека е честито и нека е долговечно постоењето на Унијата која иако е новоформирана во себе ги содржи зрелоста, знаењето и традицијата кој треба да го водат ВМРО-ДПМНЕ низ сите бури и искушенија. Тие темели го издржаа најголемиот тест, тестот на времето кое ќе се согласите кон никого не било дарежливо, а најмалку кон оние кои во срцето, разумот и во своето битие ја носеа Македонија. Мудрост е да се слушнат белите глави, мудрите луѓе кои ги издржале најсилните удари на комунизмот и биле сведоци и современици, но и ороводци на идејата за самостојна и суверена држава. Кога многумина се плашеа да зборуваат за Македонија притиснати од силната пресија на едноумието, овие луѓе кои денес се Унијата на ветерани на ВМРОДПМНЕ гласно говореа, гласно се бореа за идејата од која се изнедри самостојна независна и слободна Република Македонија. Мудрост е да се имаат овие луѓе до себе и да се користи нивното животно и политичко искуство, и секогаш ќе се инспирирам од нивната несмалена енергија и желба за борба за нашата заедничка мајка Македонија, би рекол татковска искрена и пламенита љубов за светите букви ВМРО.

Ќе ми дозволите да прераскажам едно мое искуство. Идејата за формирање на посебна Унија на ветерани постои безмалку повеќе од дваесетина години. Таа се слушаше гласно низ штабовите, собирите, беше барање на многумина кои беа првите во формирањето на партијата. Кога уште бев генерален секретар, тие неколку месеци на партијата ми ја преставија идејата за формирање на Унијата на ветерани, и откако бев избран за претседател ветив дека ќе се случи тоа. И навистина ова мое ветување го исполнив со новиот статут кој го донесовме кој што се формираше Унијата на ветерани на ВМРО-ДПМНЕ. Ќе ми дозволите да изразам посебна благодарност кон нејзиниот прв претседавач, господинот Драган Димишков и актуелниот Мане Јаковлевски, како и стратешкиот соработник за работа со Унијата на ветерани Дијана Транталовска и една цела плејада на борци за Македонија, браќа и сестри кои се чуварите на традицијата и Унијата на мудри глави, ви благодарам за се што правите за ВМРО-ДПМНЕ и за Македонија. Ви благодарам за неизмерната поддршка што ни ја давате. Затоа нашата заложба е чувајќи ја традицијата да ја градиме иднината. Впрочем што е традицијата ако не систем на вредности кои ги издржале и најсилните удари на темелите. Зарем не се дел од тој темел луѓето кои се бореа за независност, кои во своите мечти ги славеа асномците, кои пак се повикуваа на Илинденците. Зарем дел од тој темел не е и славното Смилево, особено важно за нашето заедничко ВМРО, и местото колебка на еден од насилните македонски синови Дамјан Груев, еден од основачите на ВМРО и прв нејзин генерален секретар.

Јас ви говорам за тоа дека борбата за вредностите, слободата, сувереноста и татковината е еден синџир кој поврзува периоди, времиња, порази и победи, луѓе обединети една алка во друга која има свои елементи, составена од ист материјал, но повеќе посебни целини кои заедно формираат силен синџир на постојана борба и тој синџир е силен онолку колку што е силна и најслабата алка и кој ако опстои значи дека каузата за која тој постоел била исправна и праведна. Дел од тој синџир на постојана борба е и нашето ВМРО, дел од тој синџир е и Унијата на ветерани и секој еден човек кој верува и се бори за Македонија. И затоа никогаш, никогаш нема да се откажеме и покрај сите удари, подмолни игри, инфилтрати и злобници на каузата. Тој синџир ќе остане силен затоа што ние веруваме во идеја, чест и во нашата Македонија.

Во слободата верувал и Дамјан Груев кој ќе каже „Mакедонскиот народ е самостоен народ кој има право на самостоен живот” и затоа „Македонците треба да се борат за издвојување на својата слобода без да се надеваат на туѓа помош”. И затоа и денес ние сами треба да се избориме против неправдите, асимилациите, и негаторскиот однос кон нашето минато, култура, традиција и обичаи. Ова го говорам без било каква наивна емотивност, туку со сериозна разумност дека има мигови кога човек треба да застане да се исправиу и да покаже цврст став. разумност дека има мигови кога човек треба да застане, да се исправи и да покаже став. Таквите мигови тие народи ги издвојуват од останатите, тие моменти на одлучност и гласност ја дефинираат нашата желба за опстојба колку и да ни е нанесена неправда.

Пред таков миг, пред такво искушение се наоѓаме денес кога треба народот да одлучува на референдум за или против договорот со Бугарија, за укинување или одобрување на националната асимилација. И тука сакам да отцртам повеќе јасни позиции на ВМРО-ДПМНЕ.

Договорот за пријателство и соработка со Бугарија е изворот, темелот врз кој Бугарската држава ја гради својата ригидна и негаторска политика кон нашата Македонија. Впрочем не случајно кон овој договор се повикува и протоколот кој неодамна се усвои, како и членот 5 од преговарачката рамка. Кога се удира по неправдите, најдобро е да се удри по нејзините корени, од кој овие 5 години гледаме како израснува затруено дрво, кое раѓа затруени плодови. И сите оние кои прашуваат зошто преговарачката рамка не се спори, зошто францускиот предлог не се условно наречено не се збори наместо договорот, одговорот е дека најдобро е да се удри по корените на затруените дрво, а не по отровните плодови кои ќе се исушат ако го снема коренот. Истовременео почитувани пријатели мора да напоменеме дека во правото постојат и норми како се дефинира референдумското прашање кое мора да биде во надлежност на собранието, како што е законот за прогласување на Договорот за добрососедство, додека преговарачката рамка е условно наречено францускиот предлог е во надлежност на владата, што доколку и би била предмет на референдум таквиот предлог под изговорот кој го споменав на ненадлежност лесно ќе биде отфрлен.

Повторувам се што е во надлежност на Парламентот може Парламентот да го изгласа како референдумско прашање.

И ова не го зборувам на памет. Долго време го испитувавме мислењето на народот, долго време правевме анкети изминативе недели. Што да направиме? Затоа што од договор може да се повлече само власт и влада, а опозиција може да организира Референдум и заедно со народот да го оспори тоа што ние го нарекуваме затруено дрво. Долго време меревме и можам денес со вас овде да споделам дека повеќе од 60% од Македонците и повеќе од 50% од нашите сограѓани се за Референдум и би излегле да гласаат на тој Референдум. И кога ќе ве прашаат дали ќе успее, да убеден сум дека ќе успее и покрај сите оние опструкции што ни ги прават од власта. Тука ВМРО-ДПМНЕ и народот се наоѓаат помеѓу условно кажано две граници кои што јас ги нарекувам мал чекан и мала наковална. Тие се две гласни минорни малцинства. Едното, инсталациите на власта и полицијата и второто малкумина поддржувачи на власта. Што имаат овие две групи заедничко? Овие инсталации наметнаа две автентични дилеми и една заедничка со овие од власта. Првата е: „Организирав ВМРО-ДПМНЕ Референдум за ако не успее да си најде алиби да гласа за Уставните измени и внесување на дел од бугарскиот народ во Преамбулата“. Еве ви велам. Стојам пред вас по десети, петнаесети, дваесети пат, нека слушнат, Уставот нема да се менува. Без разлика каков ќе биде резултатот, иако јас верувам во мојот народ, иако јас верувам во моите сограѓани дека ќе излезат масовно и ќе гласаат за напуштање на овој асимилаторски договор. Ви велам најотворено и најискрено, нема менување на Преамбулата затоа што не го заслужиле тоа. Затоа што ниту една пресуда на Судот за човекови права од Стразбур за нашите браќа во Пиринска Македонија не е имплементирале, затоа што негираа. Одат и чекор понатаму. Со сила сакаат да не натераат да се откажеме од правата на нашите браќа од Пиринска Македонија. Епа нема. Додека е ВМРО-ДПМНЕ живо ние нема да се откажеме од нашите браќа од таму. Им пречи мобилизација, тоа ги боли. Им пречи и силно ВМРО, ВМРО на улиците кое што го окрупнува народот на Македонија, македонскиот народ и нашите сограѓани од другите етнички заедници. Тоа ги боли. Они сакаат да го гледаат ВМРО клекнато, потиштено, раскарано кое што се оптоварува со внатрешни проблеми. Не сакаат да го видат ова ВМРО кое што го поддржувате вие ветераните, столбот на партијата, столбот на Македонија, растрчано на терен, на улиците на булеварите како го мобилизира македонскиот народ кој што масовно сака да го напушти овој асимилаторски договор. Такво ВМРО не сакаат да гледаат. Епа ќе гледаат.

Ќе гледаат ако не направат некоја вештачка опструкција во Парламентот, следниот ден ќе го видат ВМРО-ДПМНЕ низ Македонија, ВМРО-ДПМНЕ како го мобилизира македонскиот народ, мобилизација за мнозинство во Парламентот. Да нема уцени, затоа ни е потребна онаа мобилизација, е тоа они не сакаат да го гледаат. И затоа ќе излезат и ќе кажуваат ова било алиби, нема алиби јасно и гласно говорам тоа, алиби нема, не постои алиби.

Втората работа велат ама ВМРО-ДПМНЕ ја напуштило идејата за барање предвремени парламентарни избори. Еве повторно ќе кажам, одлична можност ќе биде референдумот да на истиот ден организираме не двојни, тројни избори и предвремени парламентарни и предвремени претседателски бидејќи Стево Пендаровски одамна го изгуби приматот на татко на народот на Македонија. Ајде охрабрете се да ве видам, господа од власта ако сте толку силни, немојте да се криете позади некакви агенди. Излезете поддржете го референдумот, како ќе се одлучи народот така сите заедно ќе постапиме. Ајде да видиме каде треба да оди ова наша Македонија.

Третата работа е заедничка, тоа ги спојува овие од инсталациите и овие од власта, и едните и другите велат па каде ви е Преспа, па за Преспа народот кажа, имаше референдум, тој пропадна референдум. Се што е потоа е неуставно, кога ќе го ослободиме уставниот суд, обвинителството и правосудството од оваа партизиран и опструирана власт е тогаш ќе се ослободиме од стегите на Преспа. Имаме план, имаме план.

Она што е важно драги пријатели и што сака власта да не обвини, оние антимакедонци двајца, Ковачевски и Пендаровски, нормално во позадина е нивниот ментор Зоран Заев, нормално од позадина да не го заборавиме менторот, тој е оној кој што си игра куклена претстава, те со едниот, те со другиот. Ние сме биле анти ЕУ, како може јас да бидам анти ЕУ кога дел од образованието таму сум го стекнал, како можам, па во кој од столбовите и вредностите на ЕУ стои асимилација, оспорување на правото да се самоизјасниш кој си што си и каков јазик зборуваш. Да си ја читаш својата историја, да си ги почитуваш своите обичаи, култура и традиција, тоа што си го наследил, во која од столбовите на европските вредности тоа го читаат. Знам има едни ама тие се криминални, криминалните вредности кои што тие ги споделуваат се тендерите во четири очи. Тендерите каде што моќат да крадат, затоа денеска македонското образование е на дното, затоа денеска здравството ни е последно, затоа денеска сме пред енергетски колапс, економска и социјална криза. Затоа денеска моите студенти, млади си одат. Простете, но тие вредности јас не ги споделувам.

Не можам да се помирам со фактот како може една скопска општина Арачиново, во близината на Скопје по глава на жител да плаќа данок на имот двоцифрен број на денари, а соседната Илинден четири цифрен број на денари. Тоа не се европски вредности.

Не се европски вредности кога ми го оспоруваат правото да кажам кој сум и што сум. Тоа не се европски вредности. Но, вистината е една драги пријатели, а вистината е дека под зговорот за таканаречени квази европски вредности што овие луѓе ги промовираат, и патем ја брукаат и срамат истата таа Европа, бидејќи јас најмалку верувам дека овие луѓе се вистинските промотори на тие европски вредности.

Затоа мораме да се обединиме. Затоа мораме да бидеме сите како едно. Затоа мора секоја клетка на ВМРО-ДПМНЕ, секоја клетка која што потекнува од месните комитети, преку општинските, Централниот до Извршниот Комитет, секоја структура, Унијата на Ветерани, Унијата на млади, Унијата на жени, Патриотскиот институт, комисиите на партијата, сите буквално, пратениците, градоначалниците треба да бидеме како едно. Да дишеме како едно. Тогаш ќе бидат тие како најисплашени, да освоиме мнозинство, да направиме мнозинство во парламентот, само така браќа и сестри ќе можеме да ги исправиме сите грешки што ги направија изминатите 5 години. Се останато е приказна, гола реторика и лага. Само обединети сме најсилни и со мнозинство во парламентот ќе го исправиме сето она што го погрешија.

Драги пријатели,

ВМРО-ДПМНЕ покажува разлика од СДСМ. Тоа се два посебни света. Градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ во едни тешки услови на кочења и опструкции реализираат огромен број на проекти. Тие мора да продолжат да работат одговорно и за граѓаните. И не ги заборавам оние писма со пораки и обврски за чесно и доследно работење кои јавно ги соопштував при нивното кандидирање и пред добивањето на огромната доверба од народот на локалните избори. Не се опуштајте и никогаш да не го разочарате народот. Работете напорно и бидете посветени најмалку по 13 -15 часа на работа во текот на денот. Секогаш продолжете да бидете достапни до реалните луѓе и да решавате колку е можно повеќе проблеми. Иако знам дека тоа се нови, чесни и квалитетни луѓе сакам да бидам јасен дека грешки нема да толерирам и било кој градоначалник кој нема да ја реализира програмата јавно ќе соопштам дека ја нема поддршката. А секој оној кој се труди и работи ќе ја има довербата од мене и целото раководство на ВМРО-ДПМНЕ.

Почитувани,

Сосема на крајот но не и помалку важно сакам да го честитам 8-ми септември. Тоа е нашиот Илинден. Денот кој дојде по многу извојувани битки, крв и солзи на илјадници Македонци кои го чуваа огнот и го негуваа факелот на слободата. Честито независност Македонијо. Тоа име кое го заокружија огромно мнозинство македонски граѓани кои се определија да бидат свои на своето. Мудроста на таа генерација политичари во кој свој голем влог има и ВМРО-ДПМНЕ. 8-ми септември секогаш за мене ќе биде симбол на полетноста и таа огромна енергија на радост и искачување. 8-ми септември е и истакнатото македонско знаме пред македонското собрание, и првото интонирање на химната. И промоцијата на новите македонски банкноти. И не можам да не спомнам, додека луѓето кои денес се ветерани на ВМРО-ДПМНЕ беа жигосувани тие деведесетти години затоа што се колнеа во републиката и сонуваа за полна независност, овие од СДСМ кои сега се преставуваат за големи европјани се прогласија за наследници на комунистите.

Но 8-ми септември и времето потоа е и сите болки и страдања, премрежија кои се случија по независноста. Овие триесет и една година на постојано исчекување за нешто подобро донесоа и многу разочарувања. Една цела генерација се чувствува измамена и отуѓена. Се издигнаа планини помеѓу нас иако имаме исти проблеми и исти страдања. Македонците подеднакво страдаат и како Албанците и другите етнички заедници. Имаме едни цели категории на граѓани кои се заборавени, со нас, меѓу нас, а без потребната грижа од општеството.

Денес драги пријатели ќе ги видите овие од власта како честитаат празник на држава чие ново име кои сами го договорија нема да го спомнат затоа што знаат дека на народот името Македонија е во срцата.

Ќе ги видите и како министерката за одбрана и внатрешни работи газат црвени килими, се фалат колку многу направиле за безбедносните сили, за оние кои со лавовски срца се на браникот, но нема да ги кажат реалните животни приказни на луѓето чии судбини печат и горат од болка.

На овој настан пред мене има присутни и бранители и нивните семејства. Сакам да ги поздравам и да кажам дека и по цели 20 години лузните од негрижата на државата се присутни и болат. Тоа што власта не збори за овие трагедии не значи дека не постојат. А нивните дела за Македонија се херојски, иако нивните страдања за жал се на товар на нивните семејства кои државата ги третира на маргините.

Бранителот Ацо има шрапнели во своето тело од битката во Радуша. Тој мора до ден денешен на секои три години да ја менува крвта во своето тело. Тој не е обесштетен и неговото досие е заглавено меѓу лавиринтите во институциите.

Неговиот возач Зоран исто така е погоден во истото возило и е без колено, и тој е оставен на маргините. Не по негова вина има тежок хендикеп, но државата не помага.

Славе од Карпош кој има целосен инвалидитет од 2001 година до ден денешен не е обештетен и за него секој еден ден е борба.

Не е обештетен ниту Јахија од Теарце, албанец полицаец кој беше ранет во нападот на полициската станица во Теарце. Додека семејството на Марјан кој загина во Вејце таа 2001ва година сеуште не е обештетено. И можам да ви зборам за стотици вакви случаи од кој ќе ви распара срцето. Тоа што власта не збори за вистината и овие судбини, не значи дека не постојат. Да се служи на Македонија е прво чест, а потоа и обврска.

Државата ги повика овие луѓе и тие ја бранеа. А ова е начинот на кој таа им возвраќа таа. Неправда, страдања и неприфатливо игнорирање какво што има и врз други илјадници од сите националности и припадности.

Но, јас ќе испратам лична порака, сите вие и многу други кои покажаа храброст и пожртвуваност ја имате мојата најдлабока почит, и поклон. Вашата љубов и дело за Македонија е забележано. Ќе работиме заедно додека не се исправи секоја неправда која е нанесена на секој еден човек од Македонија.

Драги пријатели, браќа и сестри,

Нашата заложба е да се избориме за ново поглавје. За нов 8-ми септември кој ќе значи нова препород, обнова и заедничка иднина. До таму ќе чекориме заедно. Заедно да ја кренеме Македонија. Еден до друг, од сите заедници под македонското сонце. Да ја извадиме земјата од бездната во која не доведоа. Тоа е наша работа, наша домашна задача која никој однадвор нема да ни ја заврши. Македонија има сила за големи победи и јас ви зборам за победа и напредок и револуција во начинот на гледање на работите. На ослободување на целата креативност и слободарски дух кој ќе ја крене татковината на здрави нозе Да ги вратиме способните, да им дадеме шанса на угнетените. Да си ја вратиме татковината, да ги промениме работите. Македонија е на прво место. Македонија на прво место и кога работиме и кога создаваме. Македонија на прво место и кога се бориме заеднички, да создадеме услови за повеќе пари, да направиме реформи и проекти. Затоа што Македонија може да победува. Македонија ја има силата за промени, за големи работи. Бидете горди, бидете исправени, со пркост, ум и знаење да одговориме на сите искушенија. Сплотени и заедно. Македонија е нашето се. И болка и радост, и пркост. Нашето минато и нашата иднина. Ние одбравме да се бориме и да победиме. Македонија е нашиот заеднички дом. Наше семејство. А од него нема ништо повредно.

Да сте живи и здрави.

Да е вечна Македонија и Бог да ја благослови.

Нека е вечна независноста!

 

видео: ФБ Христијан Мицкоски