Котлар: Револуционерната идеологија сега има за задача да ја јакне македонската држава и сите нејзини задачи и атрибути кои во денешно време се ставени под знак прашалник

На научниот симпозиум 129 години ВМРО „БОРБАТА ЗА МАКЕДОНИЈА КОЈА ТРАЕ“,  организиран од ВМРО-ДПМНЕ, свое обраќање имаше проф. д-р Наташа Котлар која зборувајќи за етапите низ кои се развивала Македонската револуционерната организација, истакна дека сега нејзината идеологија блиску до народните маси има задача да ја јакне македонската држава и нејзините атрибути кои во денешно време се за жал се ставени под знак прашалник.

„Револуционерната идеологија блиску до народните маси денес има за задача да ја јакне македонската држава и сите нејзини задачи и атрибути кои што во денешното наше современо живеење мислам дека се ставени под знак на прашалник. Градењето на македонската нација, одбраната на македонскиот јазик, одбраната на македонската култура, но исто така и грижата за сите оние Македонци кои не се во рамките на македонската држава“, истакна Котлар.

Таа исто така се осврна и на народните мобилизатори кои и претходеле на Револуционерната организација.
„Народните мобилизатори почнувајќи од Димитар Миладинов, а потоа и другите, бараат оформување на нешто што е посебно специфично македонско, а тоа е посебна црковна организација, односно да се возобнови укинатата Охридска Архепископија, бидејќи во една феудална и теократска држава религијата била многу моќна работа и било потребно да се возобнови народната институција Охридската Архепископија. Била битна затоа што образованието одело преку таква институција. Државата не се грижела за образование, па затоа се бара училишта на македонски народен говор со народни свештеници учители и затоа оние кои што се противници на оваа идеја, бугарските преродбеници, овие луѓе не ги именуваат како Македонци туку ги именуваат како македонисти за да им ја одземат нивната национална народносна определба и наводно да ги прикажат како група на луѓе кои што бараат сосема нешто друго и даваат сериозен отпор бидејќи знаат дека на тој начин веќе се создава едно посебно политичко народносно цело, односно македонска држава“ потенцираше Котлар и додаде:

„Она што го остава како траг Димитар Миладинов и цела низа луѓе како него се пројавува во Македонското востание бидејќи во изворите и кај современиците Кресненското востание отпосле се појавува во некоја литература како име. Во сите нивни сеќавања и пишувања на оние кои што учествувале во Македонското востание, тоа се именува како Македонско востание. Оттука и Димитар Поп-Георгиев Беровски, па и другите војводи меѓу кои и Ѓорѓија Пулевски во Уставот, односно правилата на ова востание определуваат дека востанието е внатрешно, македонско, дека треба да се прошири на целата територија на Македонија и да се гради еден посебен политички економски и воен систем. Бидејќи во тоа време се појавува првиот врховизам, односно влијанието на бугарската држава и нејзината политика, ова востание завршува само како еден чин, настан кој не ја постигнал својата цел, но затоа ја трасира патеката кон една друга генерација на револуционерни дејци, бидејќи Гоце Делчев се среѓава со Димитар Поп-Георгиев Беровски во едно свое движење низ сега Пиринскиот дел на Македонија и разговараат за тие востанички искуства но и за Револуционерното“.
Котлар исто така истакна дека Македонската револуционерна организација е логична последица на она што претходело и има своја идеологија.
„Македонската револуционерна организација која се појавува во 1893 година е една логична последица на она што претходело, револуционерна борба. Но, револуционерна борба може да постои само ако има идеологија. Македонската револуционерна организација при нејзиното создавање па и во понатамошниот нејзин развој има идеологија и многу ми се допаѓаат определбите на Петар Поп-Арсов и на Ѓорче Петров во однос на тоа. Петар Поп-Арсов, еден од оосновачите кои што ги спомнавме вели дека Организацијата се создаде токму за да одговори на македонските потреби и ова не го измислувам, туку е дел од неговите искази пишувања. А Ѓорче Петров вели дека Организацијата се појави токму во моментот кога беа потребни моменти и акции за да одговорат на подлабоки, поблиски и пореални потреби на македонското население во тој период“, рече Котлар.

 

извор: ВМРО ДПМНЕ