Гласањето ќе се спроведе во четирите виши јавни обвинителства и во Јавното обвинителство на Република Македонија.Резултатите од гласањето ќе ги објави Советот на јавни обвинители.
За првпат, согласно новиот Закон за јавното обвинителство, изборот за основен јавен обвинител на тоа обвинителство се врши со гласање на сите јавни обвинители во државата, им напиша на своите колеги јавниот обвинител Љубомир Јовески. Во отвореното писмо до колегите, во петокот Јовески напиша дека ваквиот начин на избор дава можност директно да се влијае на подобрување на состојбите во Јавното обвинителство. „Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е важен дел од обвинителската структура, а функцијата прв човек на ова обвинителство е моќна, но и многу одговорна. За изборот се пријавија четворица јавни обвинители. Сакам да ве повикам сите слободно и растоварено од какви било влијанија и притисоци да го дадете својот глас за оној кандидат кој има најдобра програма и визија за идното функционирање на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Уверен сум дека секој од вас поединечно ќе знае да го направи вистинскиот избор, а сите заедно како јавни обвинители ќе покажеме дека имаме јасна цел за независна и силна јавнообвинителска организација“, напиша Јовески.
mkd.mk