Бројот на вработени во МЕПСО постојано расте. Сега има 53 вработени повеќе од одобреното од РКЕ за чии плати годишно се трошат околу 600 илјади евра. Во компанијата велат дека имаат повеќе работа и им требаат повеќе луѓе. Македонија има најмногу вработени на километар далновод во регионот.
Државниот електропреносен систем МЕПСО троши по повеќе од 600 илјади евра годишно за плати за околу 50 непотребно вработени, според Регулаторната комисија за енергетика. Во МЕПСО велат дека имаат многу работа, па им требаат повеќе вработени. МЕПСО е преносен оператор за струја со најмногу вработени по километар мрежа во регионот. Бројот на вработени со години се зголемува.
Во преносниот оператор велат дека имаат 622 вработени и петмина ангажирани со договор на дело. Според извештајот на Регулаторната комисија за енергетика, тие побарале 660 вработени, но регулаторот им одобрил трошоци за плати за 569, колку што имале во 2018 година, зашто смета дека обемот на работа на компанијата не е во таа мера зголемен за да има потреба за нови вработувања. Имајќи предвид дека просечната бруто плата во МЕПСО е околу 60 илјади денари, тоа значи дека компанијата троши по над 600 илјади евра годишно за плати за овие непотребно вработени.
Во МЕПСО, пак, велат дека сега имаат многу повеќе работа отколку во 2018 и затоа им требаат повеќе луѓе.
„Обемот на работа е значително зголемен имајќи предвид дека се гради нов интерконективен далекувод со кој РС Македонија ќе се поврзе со Албанија, се гради нова трафостаница во близина на Охрид, се шири инфраструктурата и се модернизира преносната мрежа, се врши реконструкција и ревитализација на постојните далекуводни врски и трансформаторски станици со цел на минимум да се сведат ризиците од испади “, велат во МЕПСО.
Во одговорот за РСЕ од МЕПСО велат и дека и натаму е дефицитарен високостручен кадар кој го нема во оваа бројка на вработени.
Според нив, разликата во бројот на вработени во делот на платите не е на товар ниту на граѓаните ниту во било кој случај влијае на динамиката на инвестиции.
Сепак, со оглед на тоа што МЕПСО е државна компанија, секој непотребен трошок се однесува на граѓаните, независно дали преку сметките за струја или на друг начин.
Радио Слободна Европа