Преку 80 проценти од потребите за пелети ги обезбедуваме од увоз, а со мерката што ја донесе Владата на 2 ноември цената на пелетите е ограничени на пониско ниво од влезните цени. Солуцијата која ние ја нудиме сега е да се врати претходната мерка којашто исто така била репресивна, а тоа е ограничување на маржата на 10 проценти. Доколку остане во сила сегашната мерка, од 1 декември нема да има нови количества на пелети на пазарот и ние ја повикуваме Владата да најдеме заедничко решение за да има пелети, истакна претседателот на Националното здружение на производители и дистрибутери на продукти од биомаса „Биомак Енерџи“, Владимир Стојановски.
Тој нагласи дека во услови кога Владата го субвенционира градското парно со 18 милиони евра, тие побарале субвенции од државата за граѓаните кои се греат на пелети и огревно дрво, но досега не добиле одговор.
Владата донесе мерка каде што ја ограничи цената на пелетите во апсолутна вредност, а имаме ситуација во којашто од земјите од каде што вршиме увоз имаме повисоки влезни цени. Во една таква ситуација крајниот резултат би бил ние да бидеме приморани, додека тоа не се смени, едноставно да не вршиме увоз, од едноставна причина што не можеме да продаваме со загуба. Крајниот резултат исто така би бил недостиг на пелети. Ние како здружение ја повикуваме Владата да најдеме заедничко решение за да има пелети на пазарот и економските оператори да ја остваруваат својата цел, а тоа е да функционираат, увезуваат, дистрибуираат и продаваат на крајните потрошувачи – изјави Стојановски на денешната прес-конференција.
Тој информираше дека главните пазари од каде што се увезуваат пелетите се Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Бугарија, но, како што нагласи, во моментов Србија и БиХ вовеле забрана за извоз, Црна Гора воспоставила квоти и дозволи за секој камион посебно со што извозната процедура се отежнува, додека Бугарија нема доволни количества на пелети за извоз.
Единствен избор за увоз на пелети во последните пет до шест месеци е Турција, но како што информираше Стојановски, и таму цените се високи затоа што, пазарните цени и услови ги диктира Германија.
Тој додаде дека има побарувачка од страна на граѓаните, но ако сегашната мерка остане во сила тоа ќе биде неодржливо и нефункционално во пракса.
Околу тврдењата на Пазарниот инспекторат дека увозниците чуваат залихи купени по пониски цени, за нивно препродавање по повисоки во нареден период, Стојановски одговори дека бројката што ја спомнал Инспекторатот изнесува 4.500 тона, којашто е само четири проценти во споредба со вкупната потрошувачка на 131 трговец во цела држава, што изнесува околу 120 илјади тона и дека тоа е сосема мало количество, што обично на лагер го имаат еден до двајца трговци.
Во однос на залихите, Стојановски информираше дека, иако сега е сезоната, набавката на пелети почнува дури и од мај и дека се купува во текот на сите месеци и не е нешто што се чува. Освен тоа, околу ова прашање, тој рече дека количествата за набавка се лимитирани и не можат предвремено да се набават прекумерно поголеми количини.
Доколку не се најде решение со Владата, според неформалните податоци за две недели или од 1 декември Македонија нема да има нови количества на пелети, предупреди претседателот на „Биомак Енерџи“.
фото: Архива