Ковачевски: Собранието има капацитет да донесе одлука со која ќе го продолжи европскиот пат на државава

-Уставните измени се токму за продолжување на европскиот пат на државата. Сега зависи исклучиво од нас. Сега зависи од тие 120 пратеници во Собранието. И ако ме прашате дали има доволно пратеници во Собранието, во Собранието има 120 пратеници, не 80, не 90, не 100, не 110. Во Собранието има 120 пратеници, кои сите имаат одговорност не пред мене, не пред Владата, тие имаат одговорност пред своите деца, пред децата на нивните пријатели, на нивните роднини да донесат одлука, со која што ќе им обезбедат иднина, која значи членство во ЕУ.

Ова го изјави премиерот Димитар Ковачевски на заедничката прес-конференција со неговиот албански колега Еди Рама, во одговор на новинарско прашање дали има доволно пратеници за уставни измени со оглед на тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека нема мнозинство.

-Тој пат нема да биде лесен, како што нема биде лесен за Македонија тој нема да биде лесен ниту за Албанија. Тоа е пат на преговори, на реформи, на менување на општеството кон подобро. Ама на крајот на тој пат, на крајот на секој тежок пат е големата награда – а тоа е полноправно членство во ЕУ. Големата награда е нашите граѓани, идните генерации да живеат во ЕУ. Големата награда е да имаме горди Македонци и сите граѓани на оваа држава со крената глава, со македонски јазик, со македонски идентитет да бидат членови и жители на ЕУ, рече Ковачевски.

Тој оцени дека Собранието има капацитет да донесе одлука со која што ќе го продолжи европскиот пат на државата, а нема, вели, да биде причина за да се враќаме повторно два, три чекори назад во време на неизвесност, во време на изолација и во време кога не знаеме што не очекува во секој утрешен ден.

-Нашите пратеници знам дека ќе донесат одлука со која што и на граѓаните и на институциите ќе им овозможат јасна визија дека оваа држава се движи во полноправно членство на ЕУ – таму каде што припаѓа, одговори тој.

фото: Влада