Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски и заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, утре 17.11.2022 година (четврток) во Белград, ќе учествуваат на Конференција за инвестиции во обновливи извори на енергија во земјите од Западен Балкан, во организација на претседателот на Србија Александар Вучиќ и Амбасадата на Кралството Норвешка.
Премиерот Ковачевски заедно со премиерите на Албанија, Еди Рама, на Црна Гора Дритан Абазовиќ и претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина Зоран Тегелтија ќе ги пречекаат претседателот на Србија Вучиќ и Андреас Б. Ериксен, заменик министерот за енергетика и специјалниот пратеник на премиерот на Кралството Норвешка, во Палата Србија каде ќе се случува настанот.
Сите лидери од Западен Балкан е предвидено да учествуваат на официјалното отворање на Конференцијата и на панел дискусија посветена на можностите за инвестиции во земјите од Западен Балкан од страна на норвешки инвеститори.
Со почеток во 12:15 часот е предвидена заедничка прес-конференција на која ќе говорат лидерите Ковачевски, Вучиќ, Рама, Абазовиќ и Тегелтија.
извор: Влада