Николоски ексклузивно за 360 Степени: Вицепремиер задолжен за економски прашања се обидувал да стапи во контакт со Онишченко за да преговара за економски ангажман

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во интервју во емисијата 360 Степени на ТВ Алсат М за скандалот со издавање на државјанство на украинскиот политичар обвинет за перење пари кое се наоѓа на црната листа на САД поради мешање во претседателските избори Онишченко, вели дека поради клановски пресметки во СДСМ државата страда а најбитната безбедносна служба е обезглавена, и доколку имаше внатрешна контрола овој скандал воопшто немаше да се случи.

Прво 16 месеци нема директор за внатрешна контрола. Втора откако направивме притисок пред некаде 2 месеци Виктор Димовски дојде во собрание и предложи кандидат за директор на внатрешна контрола, што ќе одлучеше комисијата е друга работа. За прва пат во историјата на собранието се случи власта да не си прави кворум сама на себе, односно да ја потсетам јавноста дека таа комисија не се одржа од причина што власта која што има мнозинство, не дојде на комисија. И после тоа Димовски го повлече предлогот затоа што беше посрамотен на јавна сцена од неговите сопартијци. Тогаш на јавна сцена исплива она што сите ние кои што сме во политика го знаеме а тоа е дека има клановска битка во рамки на СДСМ за директор на АНБ и од таа причина не се избира директор за внатрешна контрола, од таа причина 6 месеци Виктор Димовски не се праќа за амбасадор во Франција, и тука да нема манипулации со комисија за надворешни работи во собрание, бидејќи предлогот за него стигна сега кога дојде овој скандал со Онишченко, претходно предлог немаше. И постојат најмалку четири крила кои што се борат, крило блиско на Оливер Спасовски, крило блиско на Миле Зечевиќ, крило блиско на Димитар Ковачевски, и крило блиско на Зоран Заев, изјави Николоски.

Проблемот на ова растурање внатре во СДСМ е што државата страда, затоа што најбитната безбедносна служба во Македонија е обезглавена. И во такви услови се случува скандалот со Онишченко затоа што да имаше соодветна внатрешна контрола во АНБ скандалот веројатно немаше да се случи, а и кога би се случил брзо ќе можеше директорот за внатрешна контрола да направи истрага и да се види кој е одговорен и да се затвори темата. Сега АНБ е нефункционална и затоа има ваков срам за Македонија, рече тој.

Во однос на испраќањето на директорот на АНБ Виктор Димовски за амбасадор во Франција, Николоски потенцираше дека неговото испраќање е срамно и навредливо за Франција која што е една од најзначајните земји членки на Европската Унија додавајќи дека Димовски треба да покаже доблест и веднаш да се повлече наместо да се брука и самиот себе и институцијата со која раководи.

После се ова што се случи последна работа што треба да се направи е Димовски да оди за амбасадор во Париз затоа што тоа би било срам за Македонија. Сепак Франција е една од најзначајните земји членки на Европската унија, и мислам дека треба да имаме сериозен однос кон Франција. Прво за мене и самата номинација е спорна затоа што да пратите директор на тајна служба за амбасадор во Франција не е некоја добра порака кон Франција. Во регионот така знаат разузнавачи да пратат Србите, Бугарите, но тоа најчесто го прават во соседството, не сум слушнал дека досегашен директор на БИА во Србија, или на ДАНС во Бугарија е испратен за амбасадор во Париз. Да не зборувам за посериозни држави од типот на Австрија, Германија итн. Така што е едниот спорен момент, објасни тој.

Вториот спорен момент е што кога веќе одлучиле со ваков скандал тоа е навреда за Франција да оди Димовски за амбасадор. И мислам дека треба да е доволно доблесен пред пензија да се повлече и да престане да се брука и сам себе, а и институцијата која што ја води, бидејќи на овој начин девалвира и се што тој сторил и се што институцијата односно АНБ може да направи во иднина, а и направила во минатото.

Според Николоски единствен начин за да се затвори овој скандал е Димовски да се повлече, но да следи и одговорност за министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски од причина што се дадени неточни податоци од страна на Онишченко, а МВР кое е договорно за ова не ги проверило податоците.

Наједноставен начин да се затвори ова прашање е да се повлече од една страна, а од друга страна одговорност мора да има и таа не завршува само кај него, одговорност мора да има и за министерот за внатрешни работи. Зошто го велам ова? Не само заради големата афера со пасошите за криминалци од кои дел се испоубија меѓу себе по Истанбул, по Киев итн, туку и затоа што ако видовте основ за поништување на државјанството според самата влада е неточно дадени податоци, а податоци се даваат од МВР кои што не ги проверило, изјави тој.

Николовски ексклузивно откри дека заменик потпретседател на владата задолжен за економски прашања се обидувал да стапи во контакт со Онишченко и да прави економски ангажман со него и поради тоа смета дека и премиерот Ковачевски треба да сноси исто одговорност.

И она што е исто така битно, е што и премиерот треба да понесе одговорност овде. Не е до сега излезено во јавност да го пласирам, постојат кредибилни информации или гласини дека еден од министрите во влада, да бидам попрецизен потпретседател на влада вицепремиер задолжен за економски прашања се обидувал да исконтактира со ова лице и да прави економски ангажмани со него. Така што не е тоа дека само некој си кој што јавал на коњ дошол во Македонија и земал државјанство за да настапува на Олимпијада, туку се работи за многу подлабоко случај, дециден е Николоски.

извор: ВМРО ДПМНЕ