Мадаин Салих камениот град во Саудиска Арабија

Мадаин Салих или градот на Салих е археолошки локалитет во северозападниот дел на Саудиска Арабија, „само“ четири часа оддалечен од Медина. Тоа е едно од најголемите богатства на Саудиска Арабија кое допрва ќе ја види светската слава.

Некои го нарекуваат Хегро, или „камено место“, а некои, пак, го нарекуваат втора Петра. Тука се зачувани монументални гробници врежани во карпите, а вкупниот број на гробници изнесува дури 2.000. Најголемите мавзолеи се ископани во карпи на четири ката. Меѓутоа, додека во Петра гробниците се ископани во масивни карпи, овде изгледаат како да изникнале сами по себе. Најголемата гробница е висока 16 метри и всушност никогаш не била завршена.

Локалитет е значаен и затоа што содржи најмногу остатоци од набатејската култура по, можете да погодите, Петра во Јордан. Набатејците владееле со оваа област околу 300 години додека не биле поразени од Римјаните.

Иако овој археолошки комплекс се наоѓа во пустинска област без знаци на живот, сепак тоа и не е баш така. Во областа има околу 130 бунари бидејќи всушност има одржливи извори на вода и почва погодни за земјоделство. Во првиот век п.н.е., местото било обраснато со зеленило и растенија, а Набатејците овде одгледувале добиток.

 

kafepauza.mk