Претседателот на Советот на Општина Охрид, Сашо Донев на денешната 20-та седница на Советот на Општина Охрид истакна дека во идниот период како советници треба заеднички да разгледаат што е тоа што треба да биде реализирано во наредниот период и што е приоритет на Локалната самоуправа.
Да најдеме заеднички јазик сите наши предлози да ги ставиме на едно место, да најдеме начин како да ги усогласиме меѓу нас и да ги поддржиме.
Граѓаните помалку се упатени во однос на финансиските средства кои ги има Локалната самоуправа на располагање и што е тоа што ние можеме како советници да го гласаме, а Локалната самоуправа да го реализира. Бидејќи сега согласно Законот ние не можеме да го направиме буџетот како што бил во изминатите години и да го предвидиме на 800 милиони, па колку ќе реализираме толку. Сега Министерството дава финасии врз основ на реализацијата на оваа година и вкупните приходи согласно Закон и формира вкупен буџет кој можеме да го имаме како Локална самоуправа.
Додаде дека тоа би значело од една страна дека не може да се расфрлаат со буџети и да креираат нови долгови на локалната, што е за поздравување, бидејќи во минатото се распишувало тендери и се работело така што после друг мислел за враќање на долговите, потенцирајќи дека сега долгот на Општината е 20 милиони евра, а во најава е и уште еден нов долг во износ од 1 милион евра.
Според моите пресметки Министерството за финасии догодина буџетот ќе ни го намали за отприлика 30 милиони денари. Со долгот нов околу 1 милион евра, треба да планираме како советници дека приближно 50 милиони денари ќе имаме помалку на располагање средства од оваа година. Што значи дека догодина ќе имаме на располагање од 240 милиони до 280 милиони денари реално средства за сите работи, односно 4-5 милиони евра за сите проекти.
Парите се тие треба да седнеме да одлучиме за што ќе ги трошиме. Проектите како реконструкција на проштадот Крушевска Република и катната гаража како што растат цените ќе бидат некаде отприлика над 2 милиони евра. Ќе треба да седнеме да видиме како ќе изнајдеме пари дали преку меѓународни институции, кредити од Светска банка итн. Бидејќи граѓаните од нас очекуваат развоен буџет и капитални инвестиции. Затоа во идниот период заедно да се искоординираме и да можеме да го усвоиме буџетот за 2023 година.
фото: Охрид 1