DW: Шолц од Путин бара повлекување на Русија од Украина

Германскиот канцелар во телефонски разговор со рускиот претседател Путин побарал итно дипломатско решение и ги осудил руските воени напади врз украинската цивилна инфраструктура.
Првпат од средината на септември, германскиот канцелар Олаф Шолц имал телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин во врска со војната во Украина, потврди и владата во Берлин, пишува DW.

Кремљ претходно соопшти дека во разговор со германскиот канцелар, Путин побарал преиспитување на „погубната и деструктивна линија на западните држави, вклучувајќи ја и Германија, која го ‘пумпа’ режимот во Киев со оружје и ја обучува украинската војска“.

Ова, како и финансиската помош, водат кон одбивање од страна на Украина да поведе преговори со Русија, тврди Москва.

Путин го повикал Шолц да се преиспита германската политика во врска со Украина. Шефот на Кремљ ги смета за оправдани и неизбежни најновите масивни ракетни напади против Украина, во нив гледајќи одговор на „провокациите на Киев“ против цивилната инфраструктура во Русија, вклучувајќи ја и експлозијата која предизвика тешки оштетувања на мостот кон анектираниот полуостров Крим, како и други енергетски објекти.

Според соопштението од Кремљ, Путин побарал и расветлување на „терористичкиот напад“ против гасоводите Северен тек 1 и 2 во вид на транспарентни истраги со учество и на руски служби. Експлозиите предизвикаа дупки во гасоводите кои пренесуваа природен гас од Русија во Европа, но со месеци и претходно беа надвор од функција.

извор: DW.

фото: DW.