Во организација на Фондацијата Конрад Аденауер, а во блиска соработка со Асоцијацијата на професорите по наставниот предмет Етика во религиите, беше организирана Панел дискусија на тема „Новата реалност во училиштата – создавање можности со иновации и дигитални решенија“. На панел дискусијата беше забележано огромно присуство на православни и исламски теолози – професори кои го предаваат овој изборен предмет во училиштата на нашата земја. Проектот инициран од Фондацијата Конрад Аденауер, имаше за цел одново да го актуализира прашањето во јавниот дискурс за потребата и придобивките од верското образование во основните училишта на Република Северна Македонија, односно според зборовите на коосновачот и координатор на Асоцијацијата, монахињата Ефимија, сè потешкиот предизвик истото да опстане во училиштата на нашата земја.
„Од особена важност за нас е тоа што повторно се отвора една ваква јавна дискусија по однос на значењето и опстанокот на предметот Етика во религии во системот на македонското образование, во смисла на негово институционално препознавање и заштита среде она што кај нас во последно време е популарно како Концепција за основно образование“, рече таа во своето обраќање.
На Панел дискусијата, свое учество зедоа и Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, г. Даријан Сотировски, еминентниот професор на Правниот факултет Јустинијан Први, др. Александар Спасеновски, претседателот на Асоцијацијата на професори по Етика во религии, отец Бобан Митевски, како и директорот за настава во ПЕГАСУС ЕЛС, г. Перица Сарџоски, кој пак, понуди нови дигитални решенија со цел зголемување на интеракцијата и подобрување на наставата на професорите по предметот Етика во религиите.
Г. Даријан Сотировски: „Овој настан е навистина позитивна можност да потсетиме за значењето, кое предметот Етика во религиите го имаше досега во образовниот систем во државата, но и да ги акцентираме нашите поенти зошто сметаме дека неговиот статус треба да се заштити, но и да се унапреди. Како општество, во различни сегменти имаме евидентни проблеми-предизвици, коишто во оној елементарен период на градење и подигање на личноста на младите се многу важни да бидат надминати и превенирани. Многу е важно во новата Концепција за основно образование да биде внесен овој предмет, како би овозможиле отворена можност на младиот човек да запознава, да учи, но и да се оплеменува, зашто ние можеме да му понудиме сувопарни знаења од различни области, но доколку тоа не го надополниме и со едни вредносни вертикали, сѐ ќе биде залудно. Неколку години овој предмет е достапен како изборен предмет во образованието, а искуството покажа дека за него многу се заинтересирани и родителите и учениците. И покрај безбројните предизвици тој да биде апстрахиран, да не биде дадена можност во секое училиште да биде дел од анкетираните предмети итн., сепак постоеше една голема заинтересираност. Гледајќи ги потребите на државата, а со тоа и на општеството, цениме дека треба да му биде обезбеден најмалку досегашниот статус, но потребно е и да се размислува во одредено одделение тој да се унапреди како задолжителен предмет, бидејќи тоа многу ќе значи во подигањето на личноста на младиот човек, односно на нашето општество, кое е мултикултурно и се соочува со налетот на новите, современи предизвици, коишто и цела Западна Европа ги чувствува на своја кожа. Нам ни е потребно, на општеството му е потребно, а исто така, потребно е да се реши и унапреди статусот и на наставниците кои го предаваат овој предмет, но пред сѐ на општеството и на државата“.
Проф. д-р Александар Спасеновски: „Изучувањето на верското образование во јавниот образовен систем претставува еден од поважните чекори коишто ги има направено оваа држава, бидејќи наоѓа на една општа оправданост, а тоа го покажуваат анкетите, од страна на родителите и секако од страна на децата – учениците кои го изучуваат овој предмет. Но, од март 2021 година, кога беше издадена новата Концепција за основно образование, можеме да забележиме едни негативни трендови, поврзани со истиснувањето на изучувањето на предметот Етика во религиите од јавниот образовен систем, за сметка на некои други предмети, со што на некој начин не се излегува во пресрет на очекувањата на родителите, кои во огромно мнозинство сакаат нивните деца да го изучуваат овој предмет. И во таа смисла, сметам дека наидуваме на една нова пречка, и тоа го потврдуваат присутните на овој денешен важен настан – професорите по предметот Етика во религиите. А тоа е молкот од страна на институциите, од страна на државата од 2021 година до денес, во однос на легитимните стравувања на професорите по Етика во религиите, по однос на нивните работни места. Од една страна, како резултат на Концепцијата, се деградира статусот на овој предмет, бидејќи во таа концепција зборот „етика“ и зборот „религија“ не е споменат ниту еднаш, што упатува на заклучокот дека постојат легитимни стравови истиот да се укине или пак, да се сведе на таква мера за да го нема оној статус којшто го има денес. Со тоа се прави една штета врз општеството, заради тоа што децата, граѓаните сакаат да го изучуваат.
Бигорски Манастир