САД: Продуцентот Харви Вајнштајн и во друга пресуда прогласен за виновен за силување

Високиот суд во Лос Анџелес вчера го прогласи поранешниот холивудски продуцент Харви Вајнштајн (70) виновен за силување, во втората ваква пресуда, јавува Агенција Анадолија (АА).

Поротата го прогласи Вајнштајн виновен за обвинението на жена за силување и сексуална пенетрација со предмет, пренесуваат американските медиуми.

Поротата расправаше речиси две недели пред да ја донесе својата пресуда врз основа на тврдењата на неименуваната жена која рече дека Вајнштајн ја силувал во хотелска соба во Беверли Хилс во 2013 година.

Обвинителите рекоа дека тој го користел своето влијание во Холивуд за да ги намами амбициозните актерки на приватни состаноци, а потоа сексуално ги злоставувал.

„Силувачите силуваат. Можете да го погледнете формуларот. Имате непобитни докази за природата на овој човек и што им направил на овие жени“, рече обвинителот Пол Томпсон.

Адвокатите на Вајнштајн рекоа дека обвинувањата против нивниот клиент се измислени или настанале со договор од „трансакцискиот однос“ со филмскиот продуцент. Тие нагласија дека нема докази за напад, а адвокатот Алан Џексон ги нарече жртвите „трагачи по слава и богатство“.

Вајнштајн веќе отслужува 23-годишна затворска казна во Њујорк, откако беше осуден за други силувања во таа сојузна американска држава.

Изрекувањето на пресудата за случајот во Лос Анџелес е закажана за почетокот на следната година. Како и да е, без оглед на казната што ќе биде изречена, Вајнштајн мора прво да ја отслужи својата сегашна затворска казна во Њујорк пред да биде префрлен во Калифорнија.

Холивудскиот продуцент е познат по филмовите како „Англискиот пациент“ и „Вљубениот Шекспир“.

Повеќе од 100 жени, меѓу кои и познати американски актерки, од 2017 година го обвинија за сексуално вознемирување, но Вајнштајн ги негира сите наводи и тврди дека жените се согласиле на сексуалните односи.

Извор:Агенција Анадолија (АА).

фото:Агенција Анадолија (АА).