Во Македонија, меѓу младите луѓе се шири опасна диета, која може да предизвика тешки последици и оштетувања на црниот дроб. Се работи за стара диета која, во светски рамки, и порано била популарна. Во диетата стои дека дневно треба да се пие 750 мл црвено вино, да се консумираат од три до пет јајца, а во вечерните часови – месо, најчесто стек. За оваа диета, на својот фејсбук-профил предупреди д-р Нико Беќаровски, интернист од Универзитетската клиника за токсикологија, бидејќи, како што вели, деновиве, на нивната клиника, неколку млади девојки побарале лекарска помош.
Како што вели за весникот ВЕЧЕР д-р Нико Беќаровски, се работи за девојки на возраст од 16 до 18 години, кои се јавиле на Клиниката за лекарска помош. Според неговото големо интернистичко искуство, за прв пат се среќаваме со вакви случаи и со овој вид диета.
– Сметам дека треба да се информира за оваа ситуација за да не се прошири и за да не земе замав кај младите во земјава. Тие најчесто знаат да ја шират прикаската меѓу себе. Досега сме се среќавале со секакви диети, но не и со ваква. Според мене, максимум месец-два е актуелна – вели д-р Беќаровски.
Младите девојки се жалеле на проблеми во десниот лак под реброто, конкретно во пределот на црниот дроб. Се работи за тапи болки, но по сугестија на нивните матични лекари и направената лабораторија, согледале дека вредностите за црнодробната активност кај нив се зголемени, поради што ги испратиле на дополнителна проверка на Токсикологија.
veceer.press