Под слоганот „За луѓето се работи“ претседателството на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година ќе биде фокусирано на луѓето, „кои ќе бидат силата што ќе нè води во годината што претстои“, најави пред присутните Османи.
„Наша должност е да реагираме денес. За луѓето. Тие ја бараат нашата поддршка. Тоа е темелот на нашата организација. ОБСЕ е впрочем и создадена заради оваа конкретна причина и визијата на нашето претседателство во суштина лежи во сржта на мисијата на ОБСЕ“, потенцираше Османи.
Министерот Османи истакна дека претседателството ќе се стреми кон засилување на на теренската работа, што претставува значаемн предуслов за подобрување на животот на луѓето, кои се крајни корисници на активностите на ОБСЕ. Северна Македонија ќе ја промовира, поддржува и ќе ја засили работата на ОБСЕ на терен, ќе вложи напори да ја подобри координацијата и заедничката одговорност во реализацијата на активностите, неопходни во донесувањето позитивни промени, најави Османи.
„ОБСЕ има докажани резултати од своето делување во различни региони. Овде зборувам за искуството на нашата земја. Како земја домаќин на теренска мисија на ОБСЕ, нашата земја може е комептентна да посведочи за придобивките од теренското присуство на ОБСЕ. Уверен сум дека и другите земји домаќини на теренски мисии на ОБСЕ го делат ваквото мислење. Затоа, не треба да чуди податокот дека приоритетот на нашето претседателство со организацијата е ставањето фокус на луѓето“, потенцираше Османи.
„Во пресрет на 50-годишнината од усвојувањето на Хелсиншкиот документ, историјата ќе нѐ памети по делата, а не по нашите ветувања, размислувања и изјави. Мора да ги преточиме зборовите во дела, доколку сакаме да ја обезбедиме функционалноста на ОБСЕ“, потенцираше Османи.
Османи во своето обраќање го информираше Постојаниот совет за планот за воведување на позиција Специјален претставник на Претседавачот за граѓанско општество, како доказ за посветеноста да одговориме на потребите на луѓето, акцентирајќи дека нема здрава демократија без гласно, живо и истрајно граѓанско општество.
Османи рече дека како земја претседавач со ОБСЕ во текот на целата година очекува поддршка во работата од сите држави учеснички .
„Сметаме на поддршката од државите учеснички и пошироката структура на ОБСЕ во која се вбројуваат Секретаријатот на ОБСЕ, теренските мисии на ОБСЕ, самостојните институции, Парламентарното собрание на ОБСЕ и специјалните претставници кои работат на значајни проблематики.“
Во својство на претседавач со ОБСЕ, Османи во своето обраќање ја претстави намерата да ја покани Финска да се приклучи на форматот Тројка на ОБСЕ и најави дека Северна Македонија е подготвена за предизвикот што ја очекува во 2023 година.
„Северна Македонија е подготвена да го преземе својот дел од одговорноста, имајќи предвид дека за нашата земја претставува привилегија да претседава со оваа Организација. На овој пат, нашите успеси и неуспеси ќе бидат и ваши. Тешките времиња во кои живееме бараат мудрост, одговорност за нашите постапки и посветеност на начелата од Хелсиншкиот завршен документ. Тие се нашиот светилник на надежта, но и сигнален оган дека за овие начела не се преговара. Тие ќе бидат нашиот Кодекс на вредности и однесување“, рече Османи.
Османи на крајот од своето обраќање порача да не постои страв од иднината и да ја трошиме денешницата, туку да работиме за подобра утрешнина, за иднината на ОБСЕ и иднината на луѓето.
извор: Влада