Со традиционалното дефиле под маски, кои на сатиричен начин ги прикажуваат случувањата во јавниот и политичкиот живот, како во земјава, така и во странство за изминатата година, денеска напладне се одржа официјалниот дел од Вевчанскиот карневал.
Вевчани денеска и утре ќе наликува на театар на отворено, организиран од двете василичарски друштва Горна и Долна маала на чело со зетот, невестата, двата ѓаволи и глупавите Августи.
Традиционално дефилето почна околу 14 часот од почетокот на селото, движејќи се низ главната улица до центарот, каде маскираните го вртеа Василичарското оро. Преку маските вевчанци испраќаат силни пораки да биде годината бериќетна, да има среќа, здравје. Се верува дека преку маските Василичарите го бркаат злото и прочистени ќе ја дочекаат Новата година, според Јулијанскиот календар.
По Василичарското оро, зетот и невестата од двете маала ги посетуваат домовите на вевчанци со благослов за здравје и бериќет во Новата година, а од домаќините се дарувани со луканци, леб, пари и други дарови.
фото: News1.mk