Боби Спасенцовски е идниот свекор на Антониа, тој е пресреќен што ќе стане дедо

Пејачот Боби Спасенцовски, кој е иден свекор на Антониа Гиговска е многу среќен што ќе стане дедо, а неговата сопруга Весна, баба. Спасенцовски вели дека бил многу изненаден кога неговиот син Роберт кој е исто така музичар и Антониа му ја соопштиле убавата вест.

– Кога ми ги соопштија убавите вести занемев од радост. Не знаев што да кажам на почеток, испушив една цигара, ми требаше време да ги средам емоциите. Потоа ги гушнав, им честитав. Цел ден ни се јавуваат луѓе да ни честитаат, јас не знам што да кажам, збунети сме, и многу сме среќни. И јас се оженив млад како и Роберт, на иста возраст, и мислам дека така и треба да биде, да оди по тој ред. И многу е подобро кога младите се решаваат да станат родители на помлади години. Јас ќе бидам млад дедо, и како помлад ќе можам повеќе да го чувам внучето“, ни изјави Спасенцовски кој има 47 години.

Тој на социјалните мрежи напиша дека денес си добил ќерка, а така ја ословил и Антониа кога слушнал за убавите вести.

– Имам два сина, но денес добив и ќерка. Антониа е прекрасна девојка, често доаѓа кај нас дома, играме карти, јас ја победувам, таа се лути. Се шегувам“, додаде Боби.

Тој е многу среќен што нивното музичко семејство се комплетира. Синот Роберт е музичар како него, но и другиот син Александар, тој има свое музичко студио.

Антониа ќе соработува со таткото и синовите Спасенцовски, Боби ни најави дека се подготвува нивен заеднички музички проект.

 

zenskimagazin.mk