ВМРО ДПМНЕ: Лошите политики на Владата ќе не остават со висока инфлација и без работна сила

Владата во капитулација на економски и национален план се фали дека растот на НОМИНАЛНА просечна нето – плата по вработен над прагот од 30.000 денари е резултат на „нејзините добри економски политики“. Која е вистината?

Постојат три причини за раст на НОМИНАЛНАТА просечна нето – плата по вработен, но ниту една од нив не се однесува на „успешните политики на Владата“, туку напротив на ЛОШИТЕ економски и севкупни политики на оваа Влада, се вели во соопштението од ВМРО ДПМНЕ.
Во продолжение на истото од партијата додаваат:

Првата причина за растот на платите е иселувањето кое е масовно. Намалувањето на работоспособната популација (според пописот и според редовните податоци од Државниот завод за статистика) е заради иселување од државата и ниска стапка на наталитет, што создава притисок врз платите. Фирмите се жалат дека не можат да најдат вработени, а тие кои се нафаќаат да работат бараат повисоки плати. Економска логика малку за Владата – намалена понуда на работна сила, при постојана побарувачка создава притисок врз цената на трудот, а тоа се платите! И каде е тука „успешноста“ на политиките на оваа Влада? Луѓето се иселуваат заради корупцијата, криминалите, непотизмот, нефункционирањето на правото, загадената животна средина, неказнивоста на високите криминали и националното предавство со кое се поткопуваат темелите на државата. Луѓето не создаваат поколенија, ниту со една економска и социјална мерка Владата не ги мотивира за истото.

Втората причина е несразмерното зголемување на минималната плата согласно растот на продуктивноста на фирмите со што се зголемуваат трошоците на фирмите, кои на крајот се пренесуваат врз финалните малопродажни цени. Инфлацијата вака никогаш нема да ја зауздаме. Минималната плата треба да расте, но темпото и висината на растот треба да бидат паралелно со продуктивноста. Вака влегуваме во спиралата плати-цени-плати.

Третата причинасе разгорените инфлациски очекувања. Неуспехот на Владата и НБРМ да ја заузда инфлацијата ги разгоре инфлациските очекувања, односно направи притисок врз вработените да бараат повисоки плати. Повисоки плати, повисоки трошоци за фирмите, повисоки финални цени. Спирала плати-цени-плати. Поскапувањето на кредитите, заради раст на каматните стапки, нема да ја совлада инфлацијата во услови кога оваа Влада нерационално се однесува и експанзивно троши.

И на крај. Никој писмен не гледа номинални големини во услови на висок скок на трошоците на живот. Од мај 2017 година, кога оваа Влада дојде на власт, до декември 2022 година трошоците за живот се зголемиле за 29,8%, додека НОМИНАЛНАТА просечна нето – плата по вработен се зголемила за 50,1%, што значи дека РЕАЛНАТА просечна нето- плата по вработен се зголемила за само 15,6% (за време на ВМРО-ДПМНЕ растот беше двојно повисок т.е 34,2%). И на крај, растот на платите е највисок во дејности кои ги движи пазарот на трудот (ИТК секторот, трговија, услуги), додека има дејности каде растот на реалната плата за овој период е негативен. Каде се тука „успешните политики на Владата“?.

извор: ВМРО ДПМНЕ