Новите состојби со прекинот на производството на леб во Македонија, како да потсетија на Франција во 1793 година, кога во земјата избила „Француската револуција“ во која била урната монархијата, егекутирано било кралското семејство и била прогласена република. Како синоним на ова бурно време е кралицата Марија Антоанета, за која во историјата се врзува анегдотата кога таа коментирајќи ја информацијата која до кралското семејство ја доставиле советниците дека „Народот се бунтува затоа што нема да јаде леб“, искоментирала дека „народот ако нема леб, нека јаде колачи“.
Потоа ибувнала револуцијата, народот влегол и во Версај, а кралската фамилија биле убиена, по што Франција станала република.
ПОВЕЌЕ ЗА МАРИЈА АНТОАНЕТА ЧИТАЈТЕ ВО ТЕКСТОТ ПОДОЛУ
Пред да биде ставена на клада, случајно го згазнала џелатот и му рекла „Ивинете, господине“. Поради ова и уште неколку докази, историчарите сметаат дека светот погрешно ја разбирал најомразената кралица на Франција.
Една реченица што вели дека ако сиромашните немаат за леб нека јадат колачи со децении се наоѓа дури и во учебниците по историја и служи да ги објасни причините за Француската револуција. Кралицата на која ѝ се припишува оваа реченица била во еден момент најомразената личност во Франција, што сепак може да се препише и на тогашниот маркетинг на антимонархистичките сили. Но денес оваа кралица останува инспирација на многу модни дизајнери и уметници. Речиси секоја сезона во модата омаж и прави барем еден дизајнер инспириран од неа, од нејзините чевли, накит или општата снобовштина, која живее тотално надвор од реалното време.
Марија Антонија Јозефа Јохана е родена во Хофбург во Виена на 2 ноември 1755 година како 15-то дете на моќната царица Марија Терезија Хабзбуршка и Франц Први. Марија Антоанета и останатите деца на царицата Марија Терезија израснале на еден од дворовите со најстрого образование. Сепак како дете Марија Антоанета не била многу заинтересирана за учење, не читала и не учела јазици. Кога е договорен бракот со францускиот престолонаследник, царицата Марија Терезија увидувајќи дека ќерка и слабо ги познава обичаите и јазикот на Французите, им наредила на многубројните тутори да ја подготват принцезата за францускиот престол.
Бракот со францускиот престолонаследник Луј Бурбонски, подоцна Луј XVI, бил договорен за да се зацврсти сојузништвото на двете сили кои пред тоа биле во спор речиси 150 години. Марија Антоанета отпатувала со 14 кочии и придружба. Од неа било побарано во симболичен гест на откажување од австриската националност, на граница да ја остави целата своја облека, се што поседува, слугите и пријателите. Дозволено ѝ било да го задржи само своето куче. Тука, пред поворката принцезата била пресоблечена во најраскошна француска тоалета и била одведена во Стразбур на големата свеченост подготвена во нејзина чест.
Неколку дена подоцна во Версај таа била дочекана од нејзиниот иден маж, престолонаследникот на францускиот престол, дофен Луј Август, идниот Луј XVI, младо и срамежливо момче. Свадбата била прославена во Галеријата на огледалата во Версај, а принцезата пред венчавката добила голема колекција на дијаманти кои традиционално припаѓале на француската круна.
Секојдневниот живот на Марија Антоанета не бил многу интересен, била многу носталгична, тешко се навикнувала на правилата на францускиот двор на кој постоела дури и хиерархија меѓу послугата. По смртта на кралот, бил крунисан Луј XVI, а младиот пар бил дочекан меѓу народот со воодушевување. По крунисувањето се покажало дека Марија Антоанета нема политичко влијание на сопругот, а тоа го налутило и австрискиот двор кој се надевал дека кралицата ќе го направи посилно австриското влијание во Франција. Кралицата се соочила и со прашањето зошто нема деца, па во еден миг и нејзиниот брат, престолонаследникот Јозеф II дошол во Франција за да влијае на својата сестра и кралот. Наскоро, во 1778., кралицата го родила првото дете, принцезата Марија Шарлота. Три години подоцна го родила и престолонаследникот Луј Жозеф.
Колекцијата облека на Марија Антоанета ѝ била огромна, заземала цели три соби во Версај. Гардеробата ѝ била ограничена на 36 фустани за лето и 36 за зима, но кралицата ја сакала модата и нарачувала значително повеќе. Бидејќи популарноста меѓу народот ѝ паѓала, се појавувале бројни карикатури со нејзиниот лик во сексуални пози со мажи, жени и коњи.
Забавата ја наоѓала во коцкање, трошење на пари и купување на дијаманти. Се зборувало дека тајно ги посетува баловите и тајните љубовници. Покрај тоа, се повеќе време минувала во дворецот Мал Тријанон чии трошоци за реновирање ја надминале секоја мера. За нејзините трошења и љубовници почнале да се прошируваат гласини, се зборувало дека е во врска дури и со братот на кралот. Во Париз се печателе илегални памфлети, кои во голема мера ја намалувале нејзината популарност. Во прилог на тоа одело и тоа што Франција во тој период била на работ на банкрот. Кардиналот Луј од Роан, пратеник на францускиот двор во Австрија, паднал во немилост заради ширење невистини за кралицата и нејзината мајка царицата Марија Терезија. Истовремено, кралицата Марија Антоанета одлучила повеќе да не купува дијаманти под изговор дека кралското семејство штеди. Кардиналот собрал пари за ѓердан за кралицата и ја испратил својата љубовница кај продавачот, која го земал ѓерданот неплаќајќи му. Кога продавачот се обратил до самата кралица за плаќање, а таа објавила дека ниту нарачала ниту го зела ѓерданот, кардиналот и грофицата биле уапсени и изведени на суд. Овој скандал со ѓерданот ја зацврстил јавноста против кралицата зашто се верувало дека извела повеќемилионска измама за да го отстрани политичкиот противник, кардиналот од Роан.
Покрај политичката катастрофа, пред револуцијата која ќе го промени лицето на светот, кралското семејство претрпело и лична трагедија. Прво умрела најмладата од четирите деца, Софи Беатриз, а потоа и престолонаследникот се разболел од туберколоза и умрел. Во јули 1789., бил сменет министерот Жак Некер и донесен баронот де Бретеј, убеден ројалист и католик. Ова за многу парижани било знак на доаѓање на кралски пресврт па поаѓаат во отворен бунт, на Бастилја, кралскиот затвор и симбол на моќта, покренувајќи ја Француската револуција. Во октомври паднал и Версај. А кралското семејство било преместено во Тиљери. Во следниот период кралот и кралицата сфатиле дека Републиката ја уништила круната, па одлучиле да побегнат кон исток на Франција. Но кралот го уапсиле на половина пат и го вратиле во Париз. Антоанета се обидела да ја сочува позицијата на круната во тајни преговори со водачот на општинската фракција на уставните монархисти кои успеле да го убедат и кралот да го прифати новиот устав во септември 1791. Политиката во тој период влечела кон војна со Австрија и Прусија. На кралот тоа му одговарало зашто се надевал дека набргу Франција ќе ја изгуби таа војна и дека Австрија ќе воспостави монархија во Франција. Но револуционерите од Австрија реагирале поинаку. Го нападнале замокот Тиљери и го уапсиле кралот. Семејството се преселило во добро чувана тврдина, а во Париз беснеело насилството. Кралот бил осуден на смрт за предавство и бил ставен на клада на 21 јануари 1793 година.
Марија Антоанета ја однеле во затворот Консијерж на 2 август 1793, под името „затвореник број 280“. Ѝ било судено, а поротата едногласно ја прогласила за виновна за предавство на земјата.
„Не ме слушаа, за мене сведочеа луѓе кои никогаш не сум ги видела, а тие што ме познаваа, лажеа“, забележила после судењето во својот таен дневник.
Последните реченици во нејзиниот дневник ги напишала нејзината пријателка:
„ Стражата ѝ ја отсече косата, а рацете ѝ ги врза зад грбот. Цел час ја влечеа низ Париз пред очите на гневниот народ…“
Била ставена на клада на 16 октомври 1793, а според приказната последните зборови ѝ биле „Извинете, господине“ зашто се сопнала од нозете на џелатот.
Телата на Марија Антоанета, кралот и сестрата на кралот, Елизабета, биле погребени во масовната гробница, а ексхумирани во 1815 година биле префрлени во базиликата Сен Ден, каде што инаку се погребувале француските кралеви.
Марија Антоанета во историјата е прикажувана како површна, наклонета кон хедонизмот и расипништвото, а во современата историографија ова мислење е значително ревидирано. Последниве години акцент се става на нејзината храброст и приврзаност кон семејството, додека во поп-културата и модата секако Марија Антоанета останува и опстојува како икона на стилот, високата мода и модните иновации, постојана инспирација на дизајнерите и уметниците.