Сопругата на Коби Брајант доби отштета од 16 милиони долари за фотографии од местото на несреќата

Поротата им додели на Ванеса Брајант и на котужителот Крис Честер отштета од 31 милион долари откако утврди дека Одделот на шерифот на округот Лос Анџелес и противпожарната служба се одговорни за споделување графички фотографии од хеликоптерската несреќа во која загина НБА-ѕвездата Коби Брајант, неговата 13-годишна ќерка Џиана и уште седум други, јавува Агенција Анадолија (АА).

На Ванеса ѝ беше доделена отштета од 16 милиони долари, а на Честер, чија сопруга Сара и ќерката Пејтон беа исто така меѓу загинатите во несреќата, 15 милиони долари.

Ванеса за време на 11-дневното судење рече дека фотографиите емотивно ја вознемириле, бидејќи се плашела дека би можеле да бидат објавени јавно. Фотографиите не беа споделени на социјалните мрежи, но беа видени од вработените во Одделот на шерифот на округот Лос Анџелес и противпожарниот оддел.

„Секој ден живеам во страв дека ќе бидам на социјалните мрежи и дека тие ќе се појават. Живеам во страв дека моите ќерки ќе бидат на социјалните мрежи и дека сликите ќе се појават. Не сакам никогаш да ги видам овие фотографии. Сакам да ги памтам мојот сопруг и ќерка какви што беа“, рече Ванеса Брајант.

Федералната порота рече дека округот мора да ѝ плати на Ванеса Брајант 16 милиони долари за емотивната болка.

Текстот во целост на: Агенција Анадолија (АА).

фото: Агенција Анадолија (АА).