Во март 2021 година, Саша Шварц, како и милиони други, едвај го чекаше вакцинирањето против коронавирусот. Овој, тогаш 30-годишен негувател, сакаше со вакцината да добие малку слобода и да придонесе во сузбивањето на пандемијата. За овој активен спортист и човек кој сака да го минува времето во друштво, вакцинацијата ветуваше делумно враќање на старо, објави DW.
Но, по 25 март сѐ се промени. По вакцинирањето со вакцината на компанијата Астра-Зенека, Шварц добил температура, вртоглавица и главоболка. До ден денешен симптомите не престанале. „Никогаш во својот живот не сум се чувствувал така беспомошно“, вели овој жител на Келн.
До денес пронашол 96 симптоми од кои најнепријатен е, вели, „Брејнфог“- ткн. „мозочна магла“ која му ја одзема способноста за концентрација, а едноставните работи како читање книга се претвораат во невозможна мисија.
„Како да сум на автопилот. Сигналите воопшто не стигаат до мојот мозок, сѐ е како во некое бунило“.
Речиси 400.000 погодени
Втората вакцина неколку месеци подоцна не донела подобрување. Вакцината на Бионтек требало на некој начин да го регулира хаосот во неговото тело, но посакуваниот ефект не се случи. Шварц, кој на своето работно место се грижи за психички болни пациенти, доживеал колапс за време на еден излет со пациентите: неговиот организам едноставно не можел да го поднесе силното сензорно преоптоварување. Со недели потоа останал прикован за креветот.
Бионтек Вакцина
По половина година конечно пронашол имунолог кој ги сфатил сериозно неговите проблеми. „Претходно сите ми велеа дека проблемите се предизвикани од психосоматски проблеми. Никој не веруваше дека би можело да се работи за последици од вакцината“, вели Шварц. Оттогаш Шварц себеси се доживува како пост-вакцинално (Пост-Вак) оштетен. Според дефиницијата тоа е „здравствена и економска последица од оштетување на здравјето предизвикана од вакцинирање која ги надминува рамките на класичните реакции на вакцини“.
На барање на ДВ, Институтот Паул Ерлих, сојузната институција за вакцини, ги наведува следните бројки: од почетокот на вакцинирањето па се до 31.10.2022, пријавени се 333.492 случаи на сомнежи во несакани ефекти (1,7 случаи на 1.000 вакцини) и 50.833 сомнежи за случаи на тешки несакани ефекти (0,27 на 1.000 вакцини).
Меѓу нив е и Шварц кому во меѓувреме на Универзитетската клиника во Марбург му беше дијагностицирано хипер-воспаление на имунолошкиот систем. Но, до денес, ниту една терапија, како ни престојот на психијатрија, не вроди со плод за Шварц.
Група со десетици погодени
Шварц организираше група која ги опфаќа погодените. Таа група досега достигна 70 членови кои се среќаваат секоја трета среда во месецот. Но во општеството е се уште присутно големо ниво на неразбирање за Пост-Вак пациентите. Многумина добиваат пораки со омраза и навреди со двојна позадина: едни ги критикуваат поради тоа што воопшто се вакцинирале, а други не им веруваат и ги ставаат во истата група со негаторите на короната.
На Шварц наскоро му истекува периодот во кој здравственото осигурување му плаќа надоместок за платата. Наскоро ќе почне да прима социјална помош која е многу пониска. Во текот на боледувањето се насобрал долг од 4.000 евра за кој не знае како ќе го отплати. Досега од никој не примил ниту цент отштета. Здравственото осигурување не сакало да му ја плати ни постапката за пречистување на крвта за која добил упат од лекар, а која чинела 15.000 евра.
Кој е одговорен за отштета?
Министерот за здравство Карл Лаутербах неодамна вети брза помош за погодените од Пост-Вак синдромот. Но, многумина не сакаат да ја чекаат одлуката на државата и поднесуваат приватни тужби. Адвокатот Тобиас Улбрих од Диселдорф во меѓувреме застапува 730 пациенти. Преку него се подигнати и 150 тужби против компаниите Бионтек и Модерна. Тој ја застапува тезата дека властите недоволно ги информирале граѓаните за можните последици од вакцинирањето. Особено го критикува министерот Лаутербах кој долго го опишуваше вакцинирањето како лек без несакани последици. Првата судска постапка против Бионтек започнува следниот месец во Франкфурт каде една пациентка тврди дека поради вакцината претрпела оштетување на срцето. Останатите судења ќе следуваат низ целата држава.
Улбрих објаснува дека процесите се водат против фармацевтските компании кои, во случај на пресуда во корист на пациентите, можат да бараат обесштетување од државата. „Економски гледано, трошоците за отштетата ги сноси државата“, вели Улбрих. Тоа се темели на договорот кој Европската комисија го постигна со фармацевтските компании и практично ги ослободи од секаква одговорност. Значи, евентуалните обесштетувања не ги плаќаат ни Бионтек ни Модерна, туку Германија и другите држави-членки, односно нејзините даночни обврзници. Улбрих е уверен во успех на тужбата, пишува DW.
Пост-Вак пациентите никој не ги сфаќа сериозно
Јердис Фромхолд се специјализирала за пациенти кои страдаат од долготрајните последици на вакцината и вели дека и доаѓаат се повеќе пациенти. „Пациентите со овие тегоби не ги сфаќаат сериозни и ги туркаат во истиот кош со теоретирачите на заговори и ‘антиваксерите’“, вели оваа специјалистка за интерна медицина и пулмологија. Меѓу нејзините пациенти има и деца. Фромхолд жали што не беа извлечени поуки од искуството со луѓето кои боледуваа од долг ковид, и на кои на почетокот исто така никој не им веруваше. „Доколку некој се вакцинира наутро, а попладне од ведро небо добие воспаление на уво, тогаш не можете автоматски да исклучите поврзаност“, вели оваа лекарка.
Многумина сега очекуваат разбирање, како што и тие имаа разбирање кога се вакцинираа и покрај многубројните дилеми кои владееја. Но, Фромхолд ги отфрла тврдењата според кои кампањата за вакцинирање била погрешна. „Не смееме да заборавиме дека болниците беа полни и дека многу луѓе починаа и дека вакциналната кампања беше потребна за да ги спречиме компликациите“, вели таа и укажува на големиот број вакцинирани со што, статистички гледано, се зголемува и бројот на оние кои трајно трпат последици.
„Кога имате многу вакцинирани тогаш расте и бројот на оние кои се трајно оштетени. И ним сега треба да им се помогне“, заклучува Фромхолд.
ИЗВОР: DW.