Семакедонски собор по повод 108 години од убиството на Јане Сандански на 23 април во градот Мелник

31 март 2023 година, Благоевград, Пиринска Македонија, Бугарија – На 23 април годинава, недела, во градот Мелник се организира голем Семакедонски собор посветен на 108 години од убиството на македонскиот револуционер Јане Сандански. Организатори на Семакедонскиот собор во Мелник се: ОМО “Илинден“ – ПИРИН, Македонското меѓународно движење за човекови права, ОМО “Илинден“, Антички Македонци, Друштвото на репресираните Македонци жртви на комунистичкиот терор во Бугарија, Македонски културен клуб “Никола Вапцаров“, Друштвото за заштита на основните човекови права, Македонскиот клуб за етничка толерантност и Комитетот за правна заштита и толерантност.
За одржување на Семакедонскиот собор, има одобрение од општина Сандански.
Организаторите на Семакедонскиот собор упатуваат јавна покана до сите Македонци и пријателите на Македонија, до сите почитувачи на животот и делото на Пиринскиот Цар – Јане Сандански од сите делови на Македонија, од цела Бугарија и во целиот свет!
Во 10 часот по бугарско време, делегации на организаторите на Семакедонскиот собор и на делегации од земјата и странство ќе положат цвеќе на гробот на Јане Сандански до Роженскиот манастир над градот Мелник.
Во 11 часот по бугарско време, Семакедонскиот собор ќе започне пред споменикот на Јане Сандански во градот Мелник со богата културно-уметничка програма. Најпрво ќе се положат венци и цвеќе на Споменикот на Јане Сандански во градот Мелник, организаторите со пригодни говори ќе ги поздрават присутните, а потоа следува богата културно-уметничка програма со македонски песни и ора во изведба на културно-уметнички друштва и пеачи од Македонија и од Бугарија.
Ве очекуваме масовно, мирно и спокојно. Македонците во Бугарија се нејзини лојални државјани, лошо не и’ мислат на својата држава Бугарија и на бугарската нација, ги чествуваат датумите, настаните и личностите во кои веруваат!
За многаја лета чествувањето, за навек Семакедонскиот собор во Мелник во чест на Јане Сандански, Ве очекуваме!