Шестгодишната Јана прележала ковид, а вирус и ги воспалил мускулите –Немало грешки во лекувањето, велат од велат од Комисијата за стручен надзор

Преземени се соодветни чекори во лекувањето на шестгодишната Јана која почина во болницата во Битола, велат од Комисијата за стручен надзор, соопшти Министерството за здравство.

Во извештајот на Комисијата за стручен надзор за случајот со лекувањето на 6-годишната пациентка Ј.Х. во Клиничка болница Битола, се вели дека според анамнезата, клиничкиот преглед и работната дијагноза, се преземени соодветни чекори во однос на анализи, третман и опсервација на пациентката.

Од анамнезата има податок за прележан ковид пред шест месеци. По направените лабораториски анализи наодите укажувале на мускулно-воспалителна реакција со покачени вредности на креатин киназа и креатин киназа MB, во рамки на вирусен инфект кој го зафатил и срцевиот мускул со покачена вредност на срцевиот ензим-тропонин. По влошување на состојбата, заклучок на Комисијата е дека се преземени потребните чекори, согласно медицина базирана на докази и клиничката слика на пациентката, се вели во извештајот на Комисијата, објави МЗ.

Комплетниот извештај од Комисијата за стручен надзор ќе биде проследен до Јавното обвинителство.

На 23 март шестгодишната Јана Христовска од битолското село Кравари го загуби својот живот за време на лекарски преглед и пружање здравствена помош во ЈЗУ Клиничка болница-Битола.

фото: Архива