Уставните измени се точно прецизирани во потпишаниот Протокол со Бугарија, како ќе изгледаат и каде ќе биде позицијата на Бугарите во Уставот. Така што и за Комисијата, што е формирана во Министерството за правда, ќе биде многу лесна работата, затоа што само треба да го земат Протоколот, таму пишува точно каде што се спомнати останатите етнички заедници, после запирката пред други, треба да се впишат и заедниците кои ќе бидат додадени – Хрвати, Бугари, исто како и останатите, не може да има разлика од тоа како се впишани другите.
Ова денеска го изјави шефот на дипломатијата Бујар Османи на заедничката прес-конференција со неговиот шпански колега Хосе Мануел Албарез Буено во Скопје, во одговор на новинарско прашање во врска со одредени изјави кои доаѓаат од Бугарија, што се толкуваат дека Бугарите треба да бидат впишани како македонски Бугари во Уставот и дали таа опција е прифатлива со оглед дека таков етникум не постои.
-Тука сакам да се надоврзам на тоа дека имаше одредени шпекулации дека Милков во НАТО барал од мене да бидат дел од комисијата. Сакам и тоа да го расчистам бидејќи немав прилика. Тоа што Милков ми го кажа на церемонијата за подигање на финското знаме, беше дека наводно слушнале шпекулации и дека ние сме презентирале на одредени држави формулации за уставните измени бидејќи сакаат и тие да бидат информирани исто така, за да нема недоразбирање. Тоа беше неговиот коментар, на што јас му одговорив дека прво, не е точно дека некому сме презентирале затоа што комисијата се уште не е состаната. Второ, дека не може да има недоразбирање, затоа што точно во Протоколот стои како ќе изгледаат уставните измени, и во кои делови од Уставот, и трето, дека ќе има јавна дебата за тоа, па сите ќе бидат подеднакво информирани, рече Османи.
По однос прашањето во врска со изјавата на шефот на бугарската дипломатија Николај Милков дека нема никаков напредок околу Протоколот и учебниците и дали Бугарија наоѓа нов момент на проблематизирање, Османи рече дека не треба преку медиуми да се прават политички проценки за степенот на реализација на договорот, бидејќи, вели, и за тоа има точно предвиден механизам што прави објективна проценка на реализацијата.
-Тоа се меѓувладините комисии што се состануваат и проценуваат кога ќе дојде време за тоа. Бидејќи ако влеземе во таква политичка проценка на медиуми, мислам дека ќе ја изгубиме намерата и целта на потпишување рамка и институционализирање на односите со Бугарија, дециден е Османи.
Тој рече дека токму поради изборната кампања во Бугарија не се појавувал во медиумите, бидејќи, нагласи, не сакал да ја внесе државава во нивните изборни ветувања и изборни препукувања, бидејќи после тоа, политичарите стануваат жртва на нивните ставови.
-Немам намера заради овие важни прашања за државата да полемизирам со било кого преку микрофон. Доколку има било која забелешка ние сме тука да седнеме да разговараме. Важно е да се има добра волја во овој пристап. Ако се обидуваме на ваков начин да изнајдеме некој негативен елемент за да создадеме негативна реторика, тоа нема да не води никаде. Ние имаме позитивна агенда, имаме позитивна намера да ги подобриме односите со Бугарија, нашите позиции сме јасни, спремни сме да комуницираме во било која форма, но немаме намера да полемизираме преку јавност за овие важни прашања за нас, нагласи Османи.