Пилотите на Луфтханза ќе користат македонска платформа, голем успех на Филип Арсов

Пилотите на Луфтханза ќе ја користат македонската платформа Airport Briefing, која со помош на 3Д технологија за приказ на информации поврзани со рутите и аеродромите, мапите и графиконите им овозможува брз и ефикасен начин на брифирање и зголемена свесност за ситуацијата, што директно влијае на нивната моќ на расудување и носење на одлуки во процесот на пилотирање.

Филип Арсов, ко-основач и сопственик на компанијата Synapse Аviation, во интервју за Иновативност вели дека соработката со еден од водечките брендови на авио индустријата е големо признание и валидација за самата платформа и за нивната работа.

После шест години постоење и речиси три години, вклучувајќи го и периодот на Covid-19, договарање и преговарање, конечно во јули минатата година, склучивме договор за користење на нашето софтверско решение со Lufthansa Group. Тоа е седумгодишен договор кој предвидува имплементација на нашето софтверско решение Airport Briefing на ниво на цела групација што вклучува десет авио компании од Луфтханза групацијата и опфаќа околу 10.000 пилоти, идни корисници на нашиот софтвер. Ова е многу важна фаза од нашиот развој, не само заради директните финансиски импликации за нашата компанија, туку и заради признанието и валидацијата која во светот на авио индустријата ја добиваме од еден од водечките брендови, кои самите по себе поставуваат стандарди и критериуми. Oва секако ќе го постави Airport Briefing високо на пиедесталот.

Airport Briefing е на пазарот од 2017 година и ги помина сите можни почетни фази, како и секој нов производ, почнувајќи од Bootstraping фазата во која почнавме со првична „демо верзија“, па понатаму една стабилна верзија која дојде после првата инвестициска рунда, за да после втората инвестициска рунда стигнеме до верзијата број три. Моментално работиме на верзија број четири, која ќе биде достапна до крајот на годината.

Инаку, ако зборуваме за развојниот пат на еден производ, од наше искуство можеме да заклучиме дека секоја од гореспоменатите фази беше неопходна за да се стигне до верзијата која ќе биде добро прилагодена на потребите и барањата на пазарот. Клучен фактор при донесување на одлуки во врска со функционалностите, но и правилното позиционирање на производот на пазарот, е секако искуството од нашите постоечки и потенцијални клиенти. Со текот на годините внимателно слушавме и набљудувавме, корегиравме и надградувавме. Тоа е клучот. Се разбира дека не е лесно да се држи чекорот со барањата, желбите и потребите на клиентите и дека треба да се прават многу мудри компромиси. Но едно е јасно, не постои алтернатива, бидејќи клиентите најдобро знаат каков проблем имаат и за што им е потребно соодветно решение.

Airport Briefing е производ, пред се, наменет за авиокомпаниите и нивните пилоти како крајни корисници, кој нуди приказ на информации поврзани со рутите и аеродромите, мапите и графиконите, како и придружните документи кои ја покриваат областа на операциите при изведба на еден авио лет. Исто така, вклучува и специјални аеродромски процедури и процедури за непредвидени ситуации. Користењето на 3Д технологија за приказ на податоците им овозможува на пилотите брз и ефикасен начин на брифирање и зголемена свесност за ситуацијата (“situational awareness”) што директно влијае на нивната моќ на расудување и носење на (исправни) одлуки.

Од друга страна, сеопфатноста на целото решение, кое вклучува и администраторски алатки, систем за заштита и “back up” на податоците, мноштво статистички податоци и извештаи, целосна контрола на корисниците и содржините, го прави Airport Briefing потенцијално да биде интегрален дел од системот за менаџирање на сигурноста(“Safety Management System”) на секоја авиокомпанија, со што истите ја зголемуваат маргината на сигурност, оперативната ефикасност и ги намалуваат трошоците.

 

повеќе на ЛИНКОТ