Осумчлено семејство сѐ уште е заглавено во Судан каде во моментот има војна. Како што соопшти Министерството за надворешни работи, семејството е во добра здравствена состојба, а се работи на нивно евакуирање.
-По добиената информација за осумчлено семејство, државјани на Република Северна Македонија, кое се наоѓа во загрозените подрачја на Судан, Министерството за надворешни работи, преку својата амбасада во Каиро веднаш стапи во контакт и доби потврда дека сите нејзини членови се во добра здравствена состојба. Министерството преку дипломатската мрежа во регионот е во постојана комуникација со колегите од пријателските земји, чии амбасади се сѐ уште активни на територијата на Судан. Информираме дека во тек се активности за да се обезбеди нивна скора евакуација, и трансфер на безбедна локација од каде подоцна би се обезбедил трансфер кон земјава, велат од МНР.
Според Министерството, другите четворица македонски државјани кои од Судан заминаа во Саудиска Арабија се на на безбедна локација, во добра здравствена состојба и наскоро ќе бидат вратени во земјава.
-Во оваа прилика го повторуваме нашиот апел доколку има наши државјани кои се наоѓаат во територијата на Судан да ја контактираат Амбасадата на Република Северна Македонија во Каиро на телефон +201033615542 и е-мејл cairo@mfa.gov.mk, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби на следниот телефонски број +971 56 441 7532 и е-мејл адреса abudabi@mfa.gov.mk, како и Министерството за надворешни работи на СОС телефонот + 389 75 273 732 и емејл globalsos@mfa.gov.mk, се вели во дописот од МНР.
извор: МНР