За зголемените плати на функционерите ќе се трошат над 15 милиони евра годишно, како ќе се обезбедат?

Околу 1.000 функционери, судии, обвинители, градоначалници, директориќе добијат повисоки плати за април, што ќе значи одлевање на дополнителни средства од буџетот во висина од 960 милиони денари годишно (над 15 милиони евра) или месечно по 80 милиони денари. Станува збор за непланирани буџетски трошоци со оглед на тоа дека мерката стапува на сила по неодамнешната одлука на Уставниот суд кој укина два члена од Законот за плата и надоместоци на функционерите, со што овозможи зголемување на платите на државните функционери за 78 отсто, објави DW.

Министерот за финансии Фатмир Бесими вели дека средствата за исплата ќе мора да се обезбедат со пренамена.

„Ќе треба да пренамениме средства од други позиции за да се дадат платите на функционерите. Тоа треба да го направи секоја институција со согласност со Министерството за финансии“, рече Бесими одговарајќи на прес-конференција во Владата.

Со одлуката се опфатени и уставните судии, но и платите на премиерот, претседателот, собранискиот спикер и сите вршители на јавни функции. Повисоки плати „легнаа“ и на сметките на заменици министри, градоначалници, директори во државни фирми и агенции.

„Добро е што одлуката не важи ретроактивно“

За вицепремиерот Артан Груби нема ништо спорно во одлуката за зголемување на платите на функционерите. Тој вели дека е добро што одлуката на Уставен суд за корегирање на платите на функционерите не е ретроактивна, бидејќи во тој случај ќе требало да им се исплати и она што не го добивале во изминатите 12 години.

„Добро е што Уставниот суд не донесе ретроактивна одлука. Од 2011 година е замрзнат коефициентот. Во однос на платите нема ништо незаконски“, рече Груби.

Априлската плата на 1.000 функционери им е зголемена за 78 отсто со одлуката на Уставен суд да се пресметуваат платите со множење на коефициентите со просечната нето-плата од минатата година. Со тоа, метките на функционерите од овој месец се „потешки“ за уште 1.000 евра. И покрај бројните реакции во јавноста, одлуката остана на сила.

извор: DW