Сашко Георгиев, избран за претседател на Судскиот совет на контроверзна седница затворена за јавноста, денеска соопшти дека на колегиум едногласно е одлучено да им се дозволи присуство на новинарите, но не и на камерите. Снимањето ги деконцентрира членовите на Судскиот совет, рече тој објаснувајќи дека на дневен ред се претставки од граѓани. Весна Дамева, рарешената претседателка на Советот, се спротивстави најпрво на ваквата одлука, но потоа се согласи „ако така решило мнозинството“, нагласувајќи дека не знаела зашто не била повикана на колегиумот, објави МКД.мк.
Потоа, поранешната претседателка Павлина Црвенковска изнесе предлог да остане само една камера и од неа да добијат снимки сите телевизии. Предлогот беше да остане камерата на новинската агенција МИА, иако нивната камера не е телевизиска и иако Судскиот совет не знае дали агенцијата воопшто има намера да снима или дали е во можност да ја снима целата седница.
На крајот, на седницата останаа само новинарите.
Ваква непопуларна мерка против медиумите беше донесена во 2016 година од тогашната претседателка Елена Гошева, под истото образложение – дека се губела концентрација во работата. Подоцна под притисок на јавноста беше повлечена ваквата одлука која значи нетранспрарентност во работењето.
фото: vecer.press