Во Загреб осветена првата изградена македонска православна црква во Хрватска – “Света Злата Мегленска“

Денес со почеток во 9 часот во Загреб беше осветена првата изградена македонска православна црква во Хрватска – “Света Злата Мегленска“.

Осветувањето го изврши Неговото Блаженство г.г. Стефан Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прва во сослужение со Неговото Високопреосвештенство г. Пимен Митрополит Европски и Неговото Високопреосвештенство г. Јосиф Митрополит Тетовско-Гостиварски со монаси и свештеници од Европската, Австралиско-Новозеландската, Скопската и Тетовско-Гостиварската епархија на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.

Во осветувањето на Македонската православна црква “Света Злата Мегленска“ во Загреб сослужуваа и Неговата Светост г.г. Порфириј Патријарх Српски и епископи на Српската Православна Црква.

На утринската божествена литургија присуствуваа голем број православни Македонци од Загреб и цела Хрватска, претставници на сите верски заедници во Република Хрватска, претседателот на Комисијата за односи со верските заедници на Македонија, Даријан Сотировски и претседателот на Матицата на иселениците од Македонија, Иван Џо Петрески.

Првата Македонска православна црква во Хрватска е регистрирана во 1993 година, а во 1995 година Загрепската надбискупија и’ отстапи времено користење на црквата “Света Рока“ во Загреб. Изградбата на црквата “Света Злата Мегленска“, посветена на великомаченицата Злата Мегленска од 18 век, започна пред девет години во 2014 година.

Владата на Република Хрватска изградбата на Македонската црква во Загреб ја помогна со 935.000 евра, како поддршка на македонското малцинство во Хрватска. Мермерниот олтар е дело на македонскиот скулптор Александар Наумоски и беше изработен во Македонија, а потоа со камиони пренесен и склопен во Хрватска.

 

vesnik-ilinden.com