Воспоставениот дијалог со опозицијата е во исклучително важен момент за европската иднина на земјата.
Чекорот што го направи Христијан Мицкоски со прифаќањето на уставите измени е за поздравување.
Сето ова создаде добра основа за продолжување на дијалогот со ДПМНЕ но и со сите релевантни политички партии застапени во македонското Собрание, истакна Дарко Каевски, пратеник и портпарол на СДСМ.
Во продолжение ја пренесуваме изјавата во целост:
Сега може да разговараме како заеднички да ги изведеме уставните измени, неопходни за продолжување на европскиот пат.
СДСМ ќе биде проактивна во овој процес. Токму затоа на синоќешната седница на Централниот одбор донесевме одлука за формирање на работна група.
Овој тим ќе го продолжи дијалогот со ДПМНЕ и останатите политички партии за носење на уставните измени и продолжување на евроинтегративниот процес.
Што поскоро уставните измени влезат во Собранието тоа подобро.
Сега е моментот сите заедно да дадеме придонес, да ја донесеме важната одлука, и да ја обезбедиме на европската иднина на државата.
Оваа одлука не е заради моментален полиитчки рејтинг, не е заради една партија или група поединци.
Ова е одлука за сите наши граѓани, одлука за македонските работници, одлука за лекарите, наставниците, земјоделците и пензионерите.
Ова е одлука за нашите млади, за учениците и студентите кои сакаат и заслужуваат да живеат во држава членка на ЕУ но да останат тука, во своите градови во своите населени места.
Затоа, дијалогот продолжува. Ќе ги интензивираме нашите активности со цел потребните реформи да бидат донесени брзо, за целиот рок на преговарање да заврши успешно и веќе до 2030 година да станеме полноправна земја членка на ЕУ.
извор: СДСМ