Твитер се закани дека ќе ја тужи компанијата Мета за новата платформа Тредс, пренесува Анадолу.
Веб-страницата за вести „Семафор“, цитирајќи писмо од средата, објави дека адвокатот на Твитер, Алекс Спиро, ја обвинил Мета за „систематско“ и „незаконско присвојување“ на трговските тајни за лансирањето на апликацијата Тредс.
Спиро истакнува дека новата услуга е конструирана од поранешни вработени на Твитер, за кои рече дека намерно им била дадена задача да креираат апликација „copycat“.
„Твитер има намера строго да ги спроведе своите права на интелектуална сопственост и бара Мета да преземе итни чекори и да престане да користи трговски тајни на Твитер или други високо доверливи информации“, се вели во писмото.
„Твитер ги задржува сите права, вклучително, но не ограничувајќи се и на правото да бара и граѓански и правни дејства, како и налог без дополнително известување“, се додава.
„Конкуренцијата е в ред, мамењето не е“, одговори Илон Маск преку твит.
Новата платформа на Мета беше пуштена во употреба во средата.
Директорот за комуникации на Мета, Енди Стоун, на Тредс објави дека никој од инженерскиот тим на апликацијата не е поранешен вработен во Твитер.
извор: Анадолу.
фото: Анадолу.