Затвореник кој избегал од прилепскиот затвор, крадел во скопски хотел

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка и предложи мерка притвор за 38-годишен скопјанец, осомничен за „тешка кражба“ во скопски хотел.

Како што соопшти денеска Јавното обвинителство, осомничениот е претходно повеќепати осудуван за истородни и други кривични дела и се наоѓал на издржување затворска казна во КПУ Затвор Прилеп, но побегнал и од 5 јули по него била распишана потерница.

-Периодот додека бил на слобода го искористил да стори ново кривично дело, па на 8 јули во вечерните часови влегол во службени простории на хотел во Скопје и одзел туѓи подвижни предмети со намера противправно да ги присвои, се наведува во соопштението.

Од хотелот, како што се посочува во соопштението, тој успеал да украде метален сеф заклучен со шифра, а во кој имало парични средства во износ од околу 1400 евра, како и клучеви од хотелот, неколку сим картички како и пет патни исправи на гости сместени во хотелот. Вкупната вредност на одземените предмети се проценува на околу 100.000 денари.

 

 

nezavisen.mk