Стотина китови заринкаа на плажа во Австралија – 50 се мртви

При масовно насукување на плажа во западна Австралија, угинаа повеќе од 50 китови. Тие се дел од групата од околу 100 пилот китови, неодамна забележани пред Чејни бич во близина на градот Елбани. Во трка со времето, спасувачи се обидуваат да им помогнат на уште живите морски цицачи и да ги транспортираат назад во морето, како што соопшти локалната организација за заштита на природната средина, „Парк вајлд лајф сервис“, објави dw.com.

Китовите во вторникот, собрани во група и тесно збиени, со часови останале на сто метри од брегот, што е цеосно невообичаено однесување. Подоцна голем дел од групата китови почнале да заринкуваат источно од градот Елбани. Локалните власти побараа од граѓаните и љубопитниците да останат настрана од плажата за да не се изложуваат на опасност.

Во обидите за спасување се кријат бројни опасности, „можно е дел од насуканите китови да се болни, не се исклучува можноста во околината да се присутни и ајкули, а луѓето треба да бидат понастрана и од ангажираните тешки машини и бродови“, изјави портпарол на локалната организација за заштита на природната средина. Тој ја истакна огромната подготвеност на населението да се вклучи во спасувачките работи, со дополнување дека досега се регистрирани доволен број доброволци.

Не останува многу време за спас на преживеаните китови, изјави океанологот Ванеса Пирота за австралиската телевизија Еј-Би-Си: „Во моментот кога еден пилот кит или било кој кит ќе се најде на копно, започнува брзо да отчукува часовникот за негово преживување.“

Останува загатка однесувањето на китовите кои се собрале тесно збиени во група. Очевидци шпекулираат дека евентуално во регионот биле присутни китови-убијци и заради одбрана од нив, пилот китовите формирале формација.

Во одредени годишни периоди, пилотите китови се движат во големи јата, што ја зголемува опасноста од масовни насукувања. Во минатата година пред австралискиот остров Тасманија заринкаа 230 пилот китови, од кои 200 угинаа. Во 2018 година на плажите во западна Австралија угинаа 100 вакви океански џинови по масовно заринкување.

извор: dw.com.