Мигел Кањелас е загрижен за развојот на Плаја де Палма. „Ситуацијата е полоша отколку во претходните години”, вели претседателот на Здружението на жители од квартот Лас Моравиљас, кој го опфаќа најголемиот дел од најважната туристичка зона на Мајорка.„Секако дека живееме од туризмот”, признава тој и додава – „сепак треба да имаме и мир во животот”.
А, него жителите одамна го немаат. „Многумина кои живеат овде навечер доброволно не излегуваат од дома затоа што се плашат”, раскажува Кањелас.
Десетици барови на променадата
Прочуената зона за забави која се наоѓа нешто подалеку од главниот град на островот, Палма, повторно е во рацете на разни расположени туристи, пред сѐ германски хоби фудбалери, женски друштва и групи „пијаници” кои секое лето слават без мерка. Но, и за десетици илјади шпански матуранти од копнениот дел на земјата кои сакаат да прослават во голем стил, Плаја де Палма е летната адреса. Десетици барови и дискотеки се наоѓаат на повеќе од пет километри долгата променада.
„Проблемот е што луѓето забавата си ја тераат на улица”, вели гастрономот Хуан Мигел Ферер, кој во 2015 година ја започнал иницијативата Палма Бич, чија цел е туристичката зона да ја направи квалитетна дестинација со лежалки како на Бали и каде што ќе се пие Бакарди, наместо да се седи на барски столчиња и да се пие пиво. „Забавата не е проблем, но не може на улиците”, дециден е тој.
И таквиот туризам носи приходи
И во хотелското здружение Плаја де Палма кое застапува 114 хотели инсистираат на тоа дека забава може да има, но да биде без претерување. „Точно е дека и таквиот туризам носи приходи, но не можеме да го сопреме трендот”.
Здружението Плаја де Палма ја рекламира експлицитно како дестинација за семејни луѓе која нуди можности за разни активности.
„Се трудиме забавата да не биде единствената причина заради која некој доаѓа тука”, велат од здружението.
Но, во ова доба од годината реалноста е сосем различна. Уште на пладне забавата на плажа е во полн ек, од звучниците трештат шлагери, во песокот се множат празни шишиња пиво. Среде бел ден пијани туристи се тетерават по улиците. Мириса на урина, истурено пиво, крем за сончање и пржени компири. Алкохол- туристите набавуваат од бројните супермаркети во околината.
„Алармантна ситуација”
Поради ваквите состојби сопствениците на хотели, ресторани и дискотеки излегоа со соопштение во јавноста во кое ја критикуваат „алармантната состојба” во Плаја де Палма и велат дека ситуацијата е „неподнослива”. „Недостигот на контрола на конзумирањето алкохол во јавност и немањето ефективни прописи за казнување на таквото однесување ја загрозуваат сегашноста и иднината на овој важен туристички регион”, се вели во соопштението.
Градската управа со години се обидува да го стави проблемот под контрола, бидејќи постои косензус по прашањето дека „алкохолниот туризам” треба да се искорени. Во 2020 година на сила стапи и посебен закон како досегашна кулминација на залагањата на политиката за зголемување на конкурентноста на Мајоркапреку одржлив, одговорен и квалитетен туризам, но резултати засега нема.
Жителите бараат поголем ангажман на полицијата
Во соопштението за јавноста, хотелиери, гастрономи и сопственици на дискотеки бараат од властите „енергични и ефикасни мерки за справување со неодржливата ситуација”, односно јасни прописи и примена на ригорозни санкции за да се спречи пиењето алкохол во јавноста, како и засилено присуство на полицијата за таа цел.
Ферер посочува дека бука, масовни пијанчења во јавност и шишиња од алкохол на плажа се одамна забранети, но нема контрола за придржување до забраните. Според регулативата, туристи кои ги кршат забраните треба да платат високи парични казни, но полицијата која треба да ги казнува ја нема на плажата во Плаја де Палма.
И Кањелас смета дека главниот проблем е што нема доволно полицајци, а кога поминува патрола најчесто се на мотори или во возило. Тој вели дека полицајците треба да патролираат пеш или на велосипеди за да може директно да ги конфронтираат туристите, ако е потребно да ги казнат и веднаш и да наплатат, што според Кањелас ќе има инстантни ефекти.
Но, санкционирањето на прекршоци е комплицирано кога се работи за странски туристи, а градот Палма до сега нема најдено ефикасна можност за наплата на казните. Според портпарол на полицијата, постојат законски пречки за наплата на лице место на казна изречена врз основа на подзаконски акт од градската управа. Па така, на полицајците не им преостанува ништо друго освен да опоменуваат кога ќе наидат на турист со недолично однесување.
DW