Левица: Апсурдно е, за Тренчевска 78 отсто зголемување на платата – за пензионерите 6 отсто зголемување на пензиите

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, не пропушта прилика да ги потсети пензионерите дека им следува ново покачување од 6% на пензиите во септември, ниту пак штеди пофалби во однос на тоа дека ова е најголемо покачување на пензиите до сега, потенцираат од Левица преку писмена реакција испратена до медиумите.

„Министерката, која што неодамна доби покачување на платата од рекордни 78%, тврди дека покачувањето од 6% на пензиите е доволно за пензионерите да можат да ги задоволат своите животни потреби?!

Апсурдно е, во услови кога Владата ги одмрзна цените и се очекува ново зголемување на основните прехрамбени продукти, а потрошувачката кошничка изнесува над 50.000 денари и се повеќе граѓани тонат во сиромаштија и не можат да ги задоволат ниту основните потреби, министерката Тренчевска ова ПОНИЖУВАЧКО покачување од 720 денари, да гоприкажува како успех на владината социјална политика!

Очигледно е дека ниту Тренчевска, ниту другите министри во оваа ненародна Влада, имаат чувство како е да се преживее месецот со 12.000 денари, колку што изнесува најниската пензија“, стои во реакцијата на Левица.

„Потсетуваме дека согласно новата Методологија за усогласување на пензиите, пензионерите ќе добиваат зголемување на пензиите два пати годишно во март и септември. Зголемувањето ќе биде процентуално исто за сите, односно сите ќе добијат зголемување од 6,8 % – со што зголемувањето на пензијата ќе зависи од висината на самата пензија, каде повторно оние со најголеми пензии ќе добијат најголемо зголемување“, се додава во реакцијата на опозициската партија.

 

Извор: Левица